Според ТВ Алсат М, која го обезбедила документот, уште на 12-ти декември минатата година, Турција го поништила договорот со Македонија за меѓусебно признавање на дипломите.
Одлуката, потпишана од претседателот Реџеп Таип Ердоган, вчера е објавена во Службениот весник на Турција, а се однесува на договорот постигнат меѓу двете земји на 6 јули 1998 година, со кој Турција и Македонија воспоставија признавање на дипломите на сите нивоа на средно и високо образование.
„Договорот потпишан на 6 јули 1998 година во Скопје, меѓу Република Турција и Република Македонија, со број 98/11600, кој стапи на сила на 12 јули 1998 година, во врска со признавање на дипломите за средни образованија, високи образованија, магистерски и докторати, од денот 11 февруари, 2017, се укинува. Врз основа на предметот со протоколарен број 11494949, од 22 ноември 2016 година, на Министерството за надворешни работи и според Законот 244, член 3, со датум 31 мај 1963 година, оваа одлука е донесена на состанокот на Советот на министрите на 12 декември 2016 година“, гласи одлуката на турските власти.
Ваквиот потег на Турција предизвика вознемиреност кај македонските студенти во Турција, како и кај турските студенти во Македонија. Неизвесно е што ќе се случи со дипломите на неколку илјади студенти на факултетите во Скопје, Битола и Штип, доколку ваквата одлука не се промени.
Македонските власти не се официјално информирани за одлуката на Турција, јавува ТВ Алсат М. Од Министерството за образование засега нема официјална реакција во врска со одлуката на Анкара.