Претседателот на Синдикатот на комбинатот „Југохром“, Бајрам Амити, во изјава за ЦИВИЛ Медиа, вели дека по денешното барање за разговор со премиерот Емил Димитриев, од кабинетот, средбата ја закажале за понеделник, во 16 часот.
Ова е второ барање на „југохромци“ за средба со премиерот. Првото беше на 4-ти јануари, кога добиле одговор од Кабинетот, дека може да остварат средба со советниците, но не – и со премиерот. Меѓутоа, Амити смета дека договор не може да биде постигнат, ако не се сретнат лично со Димитриев.
„Јас не сум оптимист дека од една средба ќе постигнеме договор, меѓутоа, добро е што конечно премиерот се одѕва на нашите барања. Но, доколку не постигнеме никаков договор, ќе бидеме приморани да продолжиме со уште порадикални протести и со други облици на изразување на незадоволството, бидејќи се работи за 700 фамилии кои остануваат без приходи!“, вели Амити.
Во ноември 2016, Државниот инспекторат за животна средина донесе решение за престанок на работата на комбинатот „Југохром“ од Јегуновце, поради непоставување на филтри за прочистување. Пред две години, менаџментот на „Југохром“ од Владата доби продолжување на рокот за поставување на систем за отпрашување, заклучно со датумот на кој е издадено решението за престанок на работата.
М.И.