Украина соопшти дека испрашува двајца севернокорејски војници откако ги заробила во регионot Курск. Претседателот, Володимир Зеленски рече дека војниците биле заробени од специјалните сили на Украина и дека биле испрашувани од домашната разузнавачка агенција СБУ во Киjив.
СБУ објави видео на кое се гледаат двајцата мажи во болнички кревети, едниот со преврзани раце, а другиот со преврзана вилица. Се наведува дека нивното испрашување било направено на корејски со помош на јужнокорејската разузнавачка агенција НИС. Ниту Русија, ниту Северна Кореја веднаш не реагираа на соопштението.
СБУ соопшти дека двајцата заробени севернокорејци им кажале на испрашувачите дека се искусни војници, а едниот рекол дека бил испратен во Русија на обука, а не да се бори. Во соопштението се вели дека едниот војник носел руска воена лична карта „издадена на име на друго лице“, додека другиот немал документи.
Јужнокорејската разузнавачка агенција ја поддржа изјавата на Украина дека ги заробила војниците. НИС соопшти дека „потврдила дека украинската војска заробила двајца севернокорејски војници на 9 јануари на бојното поле Курск во Русија“, објави Гардијан.