Дмитро Гурин, украински пратеник по потекло од Мариупол, за Би-Би-Си изјави дека верува оти Русија се обидува да го натера градот да се предаде набрзо откако Украина го отфрли рускиот ултиматум со кој се бараше од бранителите на Мариупол да го положат оружјето во замена за безбедно поминување надвор од градот, пренесува Би-Би-Си.
Мариупол е клучна стратешка цел за руската војска. Се верува дека околу 300.000 луѓе се заробени таму, а залихите се при крај и помошта е блокирана да влезе. Жителите издржаа неколку недели на руско бомбардирање без струја или вода.
Пратеникот Гурин рече дека не станува збор за предавање на Мариупол.
„Русите не отвораат хуманитарни коридори, не дозволуваат хуманитарни конвои да влезат во градот и сега јасно гледаме дека целта на Русите е да почнат да [создаваат] глад [во градот] за да ја зајакнат својата позиција во дипломатскиот процес и ако градот не се предаде, а градот не се предаде, тие нема да ги пуштат луѓето да излезат. Нема да пуштат хуманитарни конвои во градот“.
Според предлогот, кој Украина требаше да го прифати до 05:00 часот по московско време (02:00 часот по Гринич), руските војници ќе отворат безбедни коридори надвор од Мариупол од 10:00 часот по московско време (07:00 часот по Гринич), првично за украинските војници и „странски платеници“ да се разоружаат и да го напуштат градот.
По два часа од предавањето, руските сили велат дека тогаш ќе им дозволат на хуманитарните конвои со храна, лекови и други материјали безбедно да влезат во градот, откако ќе заврши деминирањето на патиштата.
Но, рокот дојде и отиде.
Доколку Русија го заземе Мариупол, тоа ќе и помогне да создаде копнен коридор меѓу источните региони Доњецк и Луганск, контролирани од сепаратистите поддржани од Русија и Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
Сепак, досега бранителите на Мариупол стојат цврсто во одбраната на градот.
Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, денеска го окаратеризира како „масовно воено злосторство“ рускиот напад врз украинскиот пристанишен град Мариупол.
„Она што се случува сега во Мариупол е големо воено злосторство, се уништува сè, се бомбардира, се убива“, рече Борел на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Владите на државите-членки на ЕУ оваа седмица ќе одржат серија средби и состаноци на кои ќе се разгледува можноста за воведување ембарго на увозот на нафта од Русија поради инвазијата врз Украина.
Д.Мишев