ЦИВИЛ организираше јавна презентација на проектот „Слободни медиуми за слободно општество“ во Велес на која се зборуваше и за влијанието на медиумите врз слободата на општеството, колку самите медиуми се слободни и како може да придонесе граѓанското учество во нивно ослободување.
„Нема слободно општество без слободни медиуми. Но, нема ни слободни медиуми ако нема слободно општество. Тие релации меѓу општеството и медиумите е взаемно условена и може да се гледа само во единство. За слободно општество не се доволни само декларации и програми, не е доволно ниту ако политичките елити имаат вистинска политичка волја… Важен е секој поединец, секоја граѓанка и секој граѓанин. Активни, свесни и солидарни, медиумски писмени и непоткупливи граѓанки и граѓани се единствената гаранција за слободно општество“, рече Дерала во својата презентација на проектот.
Присутните активно учествуваа во дискусијата поттикната од презентацијата со свои предлози, препораки, коментари, сведоштва и информации за подобрување на медиумскиот простор во Македонија.
Проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, е финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.