Повеќе од 1 милион деца веќе ја напуштија Украина во потрага по безбедност, соопштува УНИЦЕФ. Повеќето избегале со своите семејства во Полска, Унгарија, Словачка, Молдавија и Романија.
„Бројот на деца во бегство е запрепастувачки, што е показател за тоа колку е очајна ситуацијата за децата и семејствата во Украина. Децата оставаат се што знаат зад себе во потрага по безбедност. Ова го крши срцето“, истакна регионалниот директор на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан.
Според неговите зборови, тимовите на УНИЦЕФ ќе доставуваат медицински материјали во 22 болници во пет области во Украина погодени од конфликт, во корист на 20.000 деца и мајки.
Шест камиони натоварени со околу 70 тони залихи веќе пристигнаа во Украина. Тие вклучуваат опрема за лична заштита, медицински, хируршки и акушерски комплети. Дополнителни резерви се на пат од Копенхаген и Турција и треба да пристигнат во наредните денови.