Во војната во Украина, што ја започна Русија, загинаа речиси 100 деца во текот на изминатиот месец, изјави заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Омар Абди, на состанокот на Советот за безбедност на ОН за одржување на мирот и безбедноста во Украина, јавува дописникот на Укринформ.
„Како што поминува секој ден, се повеќе украински деца се изложени на ужасите на оваа војна. Само во изминатиот месец, ОН потврдија дека биле убиени речиси 100 деца, а ние веруваме дека реалните бројки се значително повисоки“, рече Абди.
Според неговите зборови, уште повеќе деца се повредени и се соочиле со тешки прекршувања на нивните права; уште милиони се раселени.
„Војната во Украина, како и сите војни, е криза за заштита на децата и правата на децата“, нагласи Абди.
Според Абди, поради војната, децата се лишени од правото на образование, а учењето од далечина може да биде само привремено решение.
„Се проценува дека 3,7 милиони деца во Украина и во странство користат онлајн и други можности за учење на далечина. Но, остануваат огромни пречки, вклучувајќи ги ограничувањата на капацитетот и ресурсите, јазичните бариери и непредвидливите движења на децата и нивните семејства“, истакна Абди.
До 11 мај 2022 година, од почетокот на руската инвазија во Украина биле убиени вкупно 226 деца, а 417 биле повредени.
Подготви: Д.Мишев