Обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски побарало од новинар на ТВ 21 да ги избрише фотографиите од мобилниот телефон, на кои бил фотографиран лидерот на ВМРО-ДПМНЕ шетајќи низ улица Македонија, јави оваа телевизија.
https://www.youtube.com/watch?v=Ztbt3y7NZlQ
Според ТВ 21, откако го забележал дека е во прошетка, новинарот се обидел да го сними екс-премиерот за објава на интернет-страницата на ТВ 21. Потоа, припадниците на обезбедувањето на Груевски влегле во дворот на телевизијата, го одземале мобилниот уред и ги избришале фотографиите. На новинарот му побарале новинарска легитимација, при што тој уредно ја покажал. Едниот од обезбедувањето приложил и легитимација дека е лице вработено во МВР.
„Сметаме дека екс-премиерот е јавно лице, и во интерес на јавноста е да се знае што прави и како се однесува. Ја повикуваме неговата партија и Министерството за внатрешни работи да се огласат за овој инцидент. Безбедносните камери на ТВ 21 го забележа овој настан, односно регистрираа како обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски, без дозвола на ТВ 21 влегува во телевизијата“, се вели во објавата на ТВ 21.
ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува овој насилен и бандитски чин, со кој брутално се нарушува слободата на медиумите во земјава. Токму ваквите акти и противзаконското однесување на насилниците на Груевски се меѓу главните причини зошто угледот на Македонија во меѓународната јавност во однос на медиумите е урнисан и сè уште е во слободен пад.
Неодамна, респектабилната „Фридом Хаус“ за првпат ја оцени Македонија како неслободна земја, што секако дека е последица, меѓу другото, и на вакви акти.
Власта во Македонија, изминативе неколку години, упаѓа и затвора медиуми и новинари, а не беа ретки и случаите на физичко насилство кон новинарите, дури и од високи владини функционери.
Ја повикуваме јавноста да ги поддржи новинарите на ТВ 21 и нивните заложби за слободно и непречено известување за сите прашања кои што се од јавен интерес.
Бесправното влегување во еден медиум и нелегалното одземање на снимки не смее да помине!