Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), денеска побара подобрување на условите на вработените во воспитно и казнено – поправните установи во Македонија. Како што изјави претседателот на синдикатот на УПОЗ, Пеце Грујовски, тоа бил и поводот за денешната средба со директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ. Наскоро се очекува подобрување на условите, а се работи на собирање податоци за униформите и опремата на затворската полиција.
„Во казнено-поправите установи често доаѓаат во посета странски мисии, премиери…, и секогаш интересот е за тоа, какви се условите за затворениците. Ретко кој се заинтересирал да праша какви се условите на вработените во овие институции. Затоа, синдикатот на УПОЗ, бара подобрување на овие услови“, изјави Пеце Грујовски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.
Според Грујовски, потребен е социјален дијалог за да се дојде до прифатливи конечни решенија за проблемите. Освен тоа, Синдикатот на УПОЗ ќе има свој претставник во работната група, што ќе работи на измените на Законот за извршување санкции. По донесување на новото законско решение, ќе биде потпишан и Колективен договор.