Амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Н. Е. Анке Холштајн, во интервју за медиумската платформа на Цивил, говореше за повеќе теми, меѓу кои и перспективите на ЕУ интеграцијата. Таа истакна дека земјата може секогаш да се потпре на поддршката од Германија.
„Северна Македонија може да се потпре на неограничената поддршка од Германија во овој процес“ – изјави Амбасадорката Холштајн за Цивил Медиа.
Притоа, Холштајн ја истакна потребата реформскиот процес да не остане на хартија и навистина да одговара на европските стандарди.
„Реформскиот процес не е цел сама за себе, туку станува збор за тоа земјата опширно да се модернизира и да се подготви, на пример, и пазарот да може да го издржи пазарот на Европската унија. Или системот на правна држава, поглавјето што прво се отвора и последно се затвора, навистина да одговара на европските стандарди, да не е на хартија, туку да е реалност. Овој опширен процес на реформи и модернизација е за луѓето во земјата, тие имаат корист од него“ – вели германската амбасадорка за Цивил Медиа.
Интервјуто во целост ќе биде објавено в понеделник, 3 октомври, Денот на германското единство.