Во тек е масовна операција во потрага по преживеани откако патнички авион со 64 лица се судрил со хеликоптер на американската армија Блек Хок во близина на националниот аеродром Реган во околината на Вашингтон, соопштија претставници на воздухопловството и одбраната, објави Си-ен-ен, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
Околу 300 спасувачи ја пребаруваат замрзнатата река Потомак, каде што се урна авионот, рече шефот на противпожарната служба на ДЦ.
Жртвите се потврдени, а спасувачите сè уште не извлекле ниту еден преживеан од водата, изјави извор од органите на редот. Изворот вели дека авионот е на парчиња во реката, а хеликоптерот е во водата во близина. Аеродромот ќе биде затворен најмалку до 11 часот по полноќ во четврток, соопштија аеродромските власти.
Авионот на летот 5342 на Американ Ерлајнс со 60 патници и четворица членови на екипажот, полетал од Вичита, Канзас, според авиокомпанијата. Тројца војници се наоѓале во хеликоптерот, кој бил на тренажен лет, велат властите.
Претседателот Доналд Трамп ја нарече несреќата „лоша ситуација која изгледа дека требало да се спречи“ во објава на Truth Social.
Подготви: Д. Мишев