Референдумот во Општина Босилово е неуспешен. Граѓан(к)ите не собраа храброст, да се изборат за себе. Најголем дел од 12.301 граѓанин со право на глас, одлучија да останат дома. Некои ги понесе инерцијата, други под притисок на одредена политичка партија, која како што велат дел од жителите, од нив бараше тивок бојкот. Со свои оценки за референдумот за ЦИВИЛ Медиа, говори Стојан Велков, од граѓанската иницијатива „Здрава котлина“, којашто се залага за еколошки чиста животна средина во струмичката котлина, во чии рамки е и Општина Босилово.
„Една политичка партија вршеше тивок бојкот на изборите. Не можам да кажам дека и другата партија, тоа го правеше. Но, ако беше партиски иницирана целата работа, граѓаните ќе излезеа во поголем број. Тоа е жално, страшно, овде се гледа свеста на нашиот народ, всушност на што подлегнува, за што се купува, за што ги продава своите деца, за некакви партиски идеологии, кои што не можете да ги согледате, си ја продаваме иднината на нашите деца, за тоа дека сме заплашени, дека ќе не избркаат од работа …“, вели Велков.
Тој најави порадикални мерки за заштита на животната средина, кои што „Здрава котлина“ ќе ги соопшти откако ќе се консолидираат по неупешниот референдум во општина Босилово.
Моника Талеска