Владата на денешната седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за нов пакет рестриктивни мерки и препораки за периодот од 18 декември до 20 јануари на полноќ, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од КОВИД-19.
„Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, забрани за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор а имаме јасни препораки до верските заедници, работните организации и општините препораки за работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со министерот за здравство Венко Филипче.
Угостителските објекти ќе работат до 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега со одлуките.
„Целта на оваа мерка е да ја издржиме сите уште малку пред ваквите рестрикции и да не дозволиме поради празнување да предизикаме ескалација. Мерката носи име „Празнувај одговорно“, а целта е заштита од КОВИД-19 во предвечерието на вакцинацијата“, истакна Заев.
Апелирам да се издигнеме над постоечкиот интерес, вели Заев, знам дека мерките не се популарни, но нашиот и вашиот избор е ставен меѓу поединечниот и краткокраен интерес за време на новогодишните и божиќните празници и конечниот излез од заканата и последиците од КОВИД-19, без дополнителни последици по здравјето и животот.