Владата на Република Македонија на вчерашната 25. седница донесе одлука со која деловниот простор што го користи Државната изборна комисија, ѝ се дава на нејзино трајно користење, без надоместок.
Во соопштението на Владата се вели дека одлуката е во согласност со акциите од Планот 3-6-9, според кои е предвидено создавање подобри услови за непречено и функционално работење на Државната изборна комисија. Тоа подразбира дека според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија, ваквата одлука може дополнително да придонесе за зајакнување на капацитетите на ДИК. Примопредавањето на деловниот простор ќе се изврши меѓу Министерството за финансии и Државната изборна комисија, во рок од осум дена од денот на влегувањето во сила на одлуката.
Подобри услови за ефективно работење на ДИК подразбираат и создавање подобри услови за работа на општинските изборни комисии, во интерес на ефикасно спроведување на локалните избори. Споредбено, во адресите на ОИК во општините за предвремените парламентарни избори 2016 и локалните избори што допрва треба да се одржат, нема поголеми промени.