ВЕСТ НА ДЕНОТ
Владата и Министерството за одбрана и оваа година со максимални 100 проценти транспарентност
Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2023 година изнесува 76 % (од максимално можни 100 %) и во однос на лани е подобрена за 3 процентни поени (од 73 % на 76 %). Владата и Министерството за одбрана и оваа година се со максимални 100 проценти транспарентност, се наведува во истражувањето што го спроведе Центарот за граѓански комуникации, во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, пренесува Фронтлајн.
Според извештајот, својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 % од институциите, за разлика од лани, кога се подобриле 81 % од институциите.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Не сум за предвремени избори, сметам дека тоа е неосновано трошење на буџетот на граѓаните. Но, ја туркаме идејата за реформи во Изборниот модел, бидејќи гледаме дека вака поставениот изборен модел, не дава некаков избор на граѓаните“, изјави Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и пратеничка, во интервјуто за ТВ Тера.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ на денешното заседание во Брисел ја одобри Одлуката за обезбедување макрофинансиска помош за Северна Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина.
ПОЛИТИКА Скопските градоначалници најавија кривична пријава за Данела Арсовска доколку не се реши состојбата со комуналната хигиена.
„Мафијашите“ од Комунална одговорни за скопскиот смет, политички чистки по цена на здравјето на граѓаните.
ИСТРАЖУВАЊЕ Зголемена поддршка за членство во ЕУ, ниско ниво на доверба во владеењето на правото и разлики за правецот на движење на локално и национално ниво, покажува анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија.
АНКЕТА НА ЦИВИЛ „Национализмот и говорот на омраза се најлошите работи за уништување на луѓето. Поделбата на едни и други и секојдневно ширење говор на омраза доведува до системско уништување на човештвото. Нема потреба од пуштање Атомска бомба кога ние самите се уништуваме. Паролата „раскарај и владеј“ е нај присутна во денешнината“, вели Зоран Карановски, на прашањето на ЦИВИЛ поставено на Фејсбук – Што е посилно од атомска бомба – говорот на омраза, национализмот или корупцијата?
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Русија во обид да ги присвои профитабилните бизниси на „Вагнер“ во Африка
*
Украинските сили продолжуваат да напредуваат во секторот Бахмут, спроведоа контраофанзивни операции на најмалку три сектори од фронтот.
АЛ – ПРЕС
Експертот за проширување на западен Балкан, Милан Нич, во интервју вели дека Косово е поблиску до отворен конфликт отколку Босна, заради паралелните структури, експлозиите и физичките напади, пренесуваат косовските медиуми. Министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, соопшти дека бродот „Бутринти“ на Албанија, заедно со грчки и турски брод, спасиле 55 мигранти од гумен чамец во водите на Егејското Море, пренесуваат албанските медиуми.
Ова се дел од темите од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Овие дилбери, имено, мислат дека од нив сè почна, а тоа кое беше пред нив, практично не постои. Невозможно е поинаку да се објаснат работите кои се противат на елементарното егзистенцијално искуство ама баш на секој еден граѓанин во Македонија, па дури се противат и на здравиот разум. Или сега треба да прифатиме здраво-за-готово дека до пред само неколку години во Македонија немаше Комунални претпријатија, канти за смет, комунални работници, ѓубретарки, патишта и автопатишта? А веројатно немаше ниту пруги, водоводи, греење…“, пишува Ненад Јовановиќ во колумната „Мисловно и вербално ѓубре го погоди Скопје в лице“.
*
„Кога Македонија го имаше најголемиот проблем со загадување на воздухот, во многу градови беа масовно палени контејнери од страна на „патриотите“.
Но тие работи и не се нашиот најголем проблем. Многу поголем проблем е што вмровците се радуваа на таквите вести и успешно ја продаваа тезата дека со расфрлање ѓубре, кршење клупи и палење огнови ја спасуваат Македонија.
А проблем е што и ФБ експертите (‘ситесеисташи’ и ‘неутрони’), заедно со неколкуте невладини организации, излегуваа со критики за градоначалниците.
Истите тие сега гласно молчат за Данела, за Муцунски и за останатите вмровски градоначалници!“, пишува Ацо Лукаревски на својот Фејсбук профил.
*
„Нема пример во познатата историја кога општеството го придвижило напред нискиот слој на заедницата. Идеите секогаш ги створат и реализираат избраните, најдобрите, а некогаш и најспособните. Кога нивното место ќе го окупира просекот или понискиот дел, нема ниту идеи, ниту нивна реализација, туку вртење во круг, чекајќи некој нов месија. Дотогаш она што ние популистички го нарекуваме народ постепено го губи системот на вредности и стане само збир на уплашени и полни со сомнеж за иднината единки без поголем личен идентитет“, пишува Војо Маневски во колумната „Коруптери и коруптанти“.
*
„Законот за локалната самоуправа формално доделува значаен пакет надлежности на општините, но различни – посебни закони ја ограничуваат нивната автономија и ги ограничуваат услугите што тие можат да ги даваат на граѓаните. Низа надлежности остануваат споделени помеѓу двете нивои на власт и не ретко се предмет на манипулации мотивирани од нездравото политичко нетрпение и постојаните жестоки кавги меѓу партиите“, пишува Тони Поповски во колумната „Виртуелното во големите национални теми наспроти потценетата реалност во локалната самоуправа“.
*
„Не може да има вмро и да има Македонија.
Освен во процес на болно одумирање.
Мислам дека и САД и ЕУ грешат и тоа е стандардна грешка во која играат на картата на некаква рамнотежа, на немешање во внатрешните работи на ова генерално ниво, со политичка корупција или макар со обиди за политичка корупција, во името на стабилноста, најелементарни антидржавни работи со многу сериозните регионални геополитички импликации ги третирате како внатрешно прашање или не сте во состојба да ги прочитате, ги оставате овие од вмро дпмне, мала група говњари, да играат улоги во високата политика само затоа што успеале да излажат и заведат една не мала маса будали“, пишува Бранко Тричковски во колумната „Вмро мора да се реформира или елиминира“.
*
„Кукавичката руска солдатеска и ордата од криминалци и платеници, не можејќи да постигнат успех на бојното поле, им се одмаздуваат на цивилите и природата, и предизвикуваат глад и несигурност во светот. Но злото никогаш не може да биде посилно од човечноста. Крвничкото измачување и убиства никогаш нема да ги исплашат тие што се бранат и се борат за слобода.
Затоа, на 500-от ден од целосната инвазија на руската злосторничка орда, највисока човечка доблест, должност и чест е да се поддржи украинската борба за слобода, тој неизмерен хероизам и пожртвуваност. И ќе бидеме заедно со Украина до денот на конечното ослободување и на почетокот на обновата“, пишува Џабир Дерала во колумната „500 дена од тридневната „специјална воена операција“.
Д. Муратов