„По одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, а имајќи го предвид сето она што претходно го напоменав, и јасниот став дека Договорот со Грција е неприфатлив, донесовме одлука на референдумот секој граѓанин да постапи според сопственото убедување“, изјави претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата која започна во 23:00 часот во седиштето на партијата.
Според него, секоја индивидуа ќе донесе одлука која ќе смета дека е добра за своето семејство и за Македонија, бидејќи тоа прашање е надпартиско и за тоа може едиствено да одлучи народот.
„Ова не е прашање на Зоран Заев и Христијан Мицкоски, или СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ова е прашање за Македонија и нејзините граѓани“, додаде Мицкоски, заборавајќи дека она за што говори, правото на секој човек да гласа по сопствено убедување е уставно загарантирано право и не може да биде став на политичка партија.
Мицкоски го повтори ставот на партијата, дека не го прифаќаат Договорот со Грција, бидејќи според него тој ќе донесе промена на Уставот на Република Македонија, ќе се сменат патните исправи и личните документи.
„На нас Македонија ни е во интерес и никој друг. Договорот со Грција е документ кој јас и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаме, ние сме против тој договор“, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека неговата партија е за членство во ЕУ и НАТО, и дека земјите членки се пријатели и партнери на Македонија, но дека се на страната на оние кои се против Договорот со Грција.
А. Петровска