Над 150 германски и дански полицајци вчера извршија претрес во десетици домови и канцеларии во рамките на операција против мрежата за трговија со луѓе преку склучување на стотици фиктивни бракови.
Петмина германски државјани од северозападни германски провинции беа задржани на распит под сомнение дека врбувале државјани на земји од ЕУ за фиктивни бракови. Од полицијата велат дека шверцерите внесувале во Германија луѓе од азиски држави, но не прецизираа од кои.
– Беа извршени претреси во северните градови Хамбург и Бремерхафен, на германскиот остров Зилт и данскиот остров Ерo. Врз основа на заедничкото германско-данско истрага се претпоставува дека криминалната мрежа остварила околу илјада фиктивни бракови во изминатите две години, изјави портпаролот на федералната полиција Јорг Ристо.
Фиктивните бракови биле склучени главно на островот Еро, наречен „свадбен остров”. Со такса од 500 дански круни (67 евра) и без бирократски препреки биле подготвувани брачни документи на дански, англиски и германски јазик.
Тројца осомничени од Германија се обвинети за организирање бракови на луѓе од Индија и Пакистан со граѓани на ЕУ. Таа мрежа добивала до 22.000 евра за секоја издадената дозвола за престој во ЕУ. (МИА)