Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев денеска во 18 часот во Клубот на пратениците ги покани на средба лидерите на политичките партии со повеќе од еден пратеник во Собранието. Се очекува на средбата да стане збор за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи наесен.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, организираше прием по повод поканата за влез на Македонија во НАТО. На приемот беа присутни сите функционери и пратеници од ДУИ, како и дипломати и амбасадори од повеќе земји, меѓу кои и амбасадорот на САД, Џејс Бејли, како и поглаварот на Исламската верска заедница, Реис Улема Ефенди Сулејман Реџепи.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за Al Jazeera е убеден дека референдумот ќе помине успешно.
„Ако има еден глас против ние сме апсолутно спремни да подадеме рака и да кажеме дека ова не е вистинскиот пат. Пред големи историски дилеми граѓаните знаеле да го изберат правиот пат. Пред нас е избор меѓу минатото и иднината, стравот и надежта. Минатото е многу важно за нашиот идентитет, но не можеме да го смениме, можеме конечно на нашите граѓани да им понудиме избор каква држава ќе биде Македонија…“, изјави Димитров.
На источната фасада од Музејот на Град Скопје претпладнево почна поставувањето на новите букви од познатата реченица што Јосип Броз Тито ја кажал ден по катастрофалниот земјотрес во Скопје.
„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност. Тито Скопје, 27 јули 1963 година“.
Ова лето ќе се организираат голем број активности во кои можат да се вклучат граѓанските новинарки и новинари, особено во пресрет на жешката политичка есен, кога тие можат да одиграат важна улога во спроведувањето фер и демократски референдумски процес. Затоа, учеството на семинарите во организација на ЦИВИЛ во претстојниот период е особено важно, бидејќи тие сега ќе вклучат компонента што на учесничките и учесниците ќе им даде пристап кон новите начини на мониторинг на важни настани и процеси, какви што се изборите и референдумските изјаснувања. Семинари за граѓански новинари ќе се одржат на 28 јули во Велес и на 29 јули во Штип.
Д.М.