( Од дневникот на ЦИВИЛите, 12 октомври 2017 година)
Дромецот Ивица Коневски, кој два мандата владееше со Општина Аеродром, вчера како мало неподготвено учениче одговараше на прашањата на новинарот Сашо Политико. На прашањето зошто паркира на тротоар, тој одговори дека нема паркинг место и дека сите така паркираат. Си призна дека не им направи доволно паркинзи на аеродромчан(к)и и остана жив! А и тој Политико, (провокатор испратен од противкандидатот, Златко Марин, како што напиша Коневски на својот фејбук статус), што не го праша, на пример, колку згради се изградени, колку цркви се направени…
На вчерашното потпишување на меморандум за чист воздух, од кандидатите за градоначалници на Град Скопје, кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, пред присутните медиуми и гости, го прекина говорот на Коце Трајановски, од ВМРО-ДПМНЕ, за да го покани на дебата. Коце ептен се изнервира и како вистински џентлмен, си замина! Не може тоа така, некој да му го прекинува говорот. Па некој се потрудил да го скоцка тоа како што треба! Коце, да не мораше да си каже тоа што му го напишаа ПР службите, можеби ќе кажеше нешто паметно, како на пример: „Aко воздухот во Скопје е загаден затоа што ги исеков речиси сите дрва, тогаш не излегувајте надвор. Женете/мажете се и уживајте во љубовните мигови. Во затворена соба, без чист воздух“. Нормално, Коце не се појави на дебата, и во новата ера- со стари методи.
Но, за разлика од бегалецот Коце, кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески, храбро влезе помеѓу муслиманите во прилепската џамија и седна на колена како останатите верници. Но, овојпат верниците избегаа од Ристески, како да влегол ѓаволот во џамија! Малку нефер од верниците, тој само сакал да ги замоли да гласаат за него, а тие му свртиле грб…
Како и да е, речиси заврши веселата изборна кампања. Битно е гласачите да бидат на висина на задачата, и послушно да си гласаат.
Дехран Муратов