Хаосот со Избирачкиот список, фантомите, реакциите на граѓанките и граѓаните не стивнуваат.
Овој пат до ЦИВИЛ пристигна пријава од граѓанка од општина Аеродром на која фантомите од нејзината адреса кои уредно беа пријавени и избришани од Избирачкиот список за време на парламентарните избори во декември 2016 година повторно и се вратени на нејзината адреса.
„Проверив во избирачкиот список и овие луѓе повторно се на моја адреса. Овие луѓе кои никогаш не живееле на оваа адреса беа пријавени и во Државната изборна комисија и во МВР уште во 2016 година, по што беа отстранети од мојата адреса. Сега повторно се вратени назад. Се прашувам по кој пат морам да ја завршам работата на институциите?“ вели револтираната граѓанка.
Овој пријавен случај не е едниствен. До ЦИВИЛ деновиве пристигнаа десетици пријави за веќе избришани фантоми кои повторно се враќаат на старите адреси. И додека граѓаните се повикуваат да ја завршат работата на ДИК и МВР, двете институции повторно само ја префрлаат одговорноста.
Ја повикуваме Државната изборна комисија, како и општинските изборни комисии, да постапуваат по пријавите на граѓанките и граѓаните, имајќи предвид дека до ЦИВИЛ стигнуваат голем број претставки од граѓани кои веќе пријавиле недоследности на Избирачкиот список, но по овие пријави сè уште не се преземени конкретни чекори.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува граѓанките и граѓаните да помогнат во ревизијата на Избирачкиот список и да пријавуваат нерегуларности, иако тоа не е нивна работа. Јавниот увид во Избирачкиот список трае до 23 август.
К. С.