„Во секој случај, како и да заврши оваа епизода во македонско-бугарските односи, ваквиот развој на настаните потврдува дека авантурата со соборувањето на сегашната Влада во Скопје ќе беше политички „луксуз“ што никому овде не му е потребен. Проценките на Кастриот Реџепи излегоа попаметни од зовриените – па оладени – амбиции на целиот опозициски фронт, вклучувајќи ја и „брзата птица тркачица“ Заев со најавата за својата премиерска оставка.
Време е овде да се смират страстите. Редоследот е: Буџет, Бугарија, пандемија и енергија… Па, од пролет, повторно општа тепачка за пратеници, гласови и власт“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Гласачкото ливче за појадок, ручек и вечера“.
„Политичките партии требаа да бидат гаранција на демократијата, на разноликоста, на напредокот, на борбата со било кој облик на едноумие и концентрација на моќта. Тие требаа да бидат начин на кој луѓето ги артикулираат потребите и интересите и се собираат околу заеднички вредности кои се обидуваат да ги поддржат и практикуваат.
Нивото на демократијата во една држава (на овој степен од развојот на државноста) дефинитивно зависи од тоа што и како прават политичките партии, за што се залагаат и како се однесуваат“, пишува Мирјана Најчевска во колумната „Ќорсокакот наречен Македонија“.
НАТО Со потпишување на заедничката декларација со НАТО денеска официјално ќе се заокружи процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командните структури и во структурата на силите на Алијансата.
ИСТРАЖУВАЊЕ Фондацијата Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество денеска онлајн ќе ги презентира резултатите од Индексот на отвореност на единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија за 2021 година.
БУЏЕТ Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2022 година.
ДИПЛОМАТИЈА Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја предводи собраниската делегација во оваа прва официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, во чиј состав се претседателот на Пратеничката група за соработка на Собранието со парламентите на земјите од Блискиот исток и Арапскиот залив, пратеникот Хусни Исмаили, и пратениците Дарко Каевски и Бедри Фазли.