Нов, втор конвој хуманитарна помош, со 17 камиони, пристигна денеска на египетската страна на граничниот премин Рафа, соопштија безбедносни и хуманитарни извори.
Вчера во Појасот Газа преку преминот Рафа со Египет влегоа првите дваесет камиони со хуманитарна помош откако Израел воведе блокада пред две недели по нападот на Хамас.
Вчера шефот на ОН задолжен за хуманитарна помош Мартин Грифитс изрази надеж дека на вториот конвој со хуманитарна помош ќе му биде дозволено да влезе во Појасот Газа денеска.
Предходно, Светската програма за храна при ОН, соопшти дека цивилите во Газа се „на работ на катастрофа“ поради акутен недостиг на храна, вода и медицински материјали.
Агенцијата соопшти дека и се потребни 74 милиони долари за итни потреби во Појасот Газа во следните 90 дена, пренесува Си-Ен-Ен. Се вели дека продавниците во Појасот Газа имаат резерви на храна за помалку од една недела и оти има сериозен недостиг од прехранбени производи.
Агенцијата на ОН апелира за „заштита на виталната инфраструктура и заштита на цивилите, за да можат да пристапат до точките и услугите за хуманитарна помош“.