„За да заработите, на пример, 1.100 долари месечно копајќи криптовалути, сметката за струја би ви била 1.000 долари – така, крадењето струја, наеднаш, добива нова „инвестициска“ димензија, подобра од вложување во електрични ветерници или сончеви електрани. А и многу е попросто“, пишува Сашо Орданоски во колумната „Што (не) се копа во ГТЦ?“.
„Земјата и нејзините граѓани се предолго заложници на минатото, митовите и историјата. По долги години мобилизација за „одбрана од непријателите“, сега е потребна мобилизација за напредок на општеството. За победа на општеството и подобра иднина, треба да се порази национализмот и да се остави во минатото. Инаку, лесно може да се изгуби не само моментот, туку и она што со години и маки го гради целата земја и сите нејзини граѓани“, пишува Петрит Сарачини во колумната „Справување со национализмот – предуслов за подобра иднина“.
УСТАВ Република Северна Македонија денеска одбележува 30 години од донесувањето на првиот Устав по прогласувањето на независноста. Граѓаните на референдумот одржан на 8 септември 1991 година ја изразија својата волја и го дадоа својот глас земјата да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија. Независноста уставно-правно беше заокружена со донесувањето на Уставот со 93 гласа во Собранието на 17 ноември 1991. Работниот текст на Уставот го пишуваа професорите Владо Поповски, Љубомир Фрчковски и Лазе Китановски.
Тркалезна маса за правно признавање на родот во Северна Македонија денеска ќе се одржи на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата на Собранието на Република Северна Македонија. Тркалезната маса е дел од тематскиот преглед на Препораката (2010)5 на Комитетот на министри на Советот на Европа до земјите членки за мерките за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, а во соработка со Советот на Европа.