Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева за Бугарската национална телевизија (БТВ) изјави дека текстот на Договорот за добрососедство со Македонија е финализиран и дека официјална Софија нема намера да води нови преговори.
„Немаме намера никакви преговори да водиме, ова е договорот кој Владата на Бугарија ќе го потпише, се надевам дека ќе биде поддржан и од парламентот. Јазичната клаузула е јасна од 1999 година. Таа не е променета. Договорите, во принцип, не признаваат ниту јазици, ниту народи, а јазичната клаузула е јасна уште од 1999 година. Го потпишуваме договорот со Македонија на официјалните јазици “, изјавила Захариева за БТВ.
„Договорот ќе биде потпишан на македонски јазик, според Уставот на Република Македонија и на бугарски јазик, според Уставот на Република Бугарија“, потенцирала шефицата на бугарската дипломатија.
Таа истакнала и дека бугарската Влада застанала зад Декларацијата од 1999 година, „која е добра база за потпишувањето на овој договор“. Според Захариева, договорот што ќе биде потпишан на 2 август, е нова и важна страница во односите меѓу двете земји, но и по неговото потпишување, ќе остане да се заврши уште многу работа.
Минатиот месец, на новинарско прашање дали Бугарија го признава македонскиот јазик, бугарската вицепремиерка Захариева одговори дека „македонскиот јазик е согласно нивниот Устав, а ние ја имаме признаено македонската држава, што значи, дека го признаваме и нејзиниот Устав“