ВЕСТ НА ДЕНОТ: Заев на координативен состанок со лидерите на коалициските партнери
Координативен состанок се одржува попладнево во Владата меѓу премиерот во оставка, Зоран Заев и лидерите на партиите, кои се дел од владејачката коалиција.
На состанокот со Заев, според најавеното, присуствуваат претседателите или потпретседателите на партиите од актуелното собраниско мнозинство. Станува збор за првични разговори за нов премиер и состав на нова Влада, откако вчера Заев, по поразот на локалните избори, поднесе оставка од челната функција во Владата, но и од лидерската позиција во владејачката СДСМ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ИЗБОРЕН РАПОРТ #34: Изборниот процес слободен, но далеку од совршен, црни пари во кампања и политичка криза
По изјавата на премиерот Зоран Заев, дека поднесува оставка на премиерската позиција, Северна Македонија и официјално влегува во политичка криза со несогледливи последици. Во овој изборен рапорт, детали и за првичните наоди и согледувањата на мониторингот на ЦИВИЛ по вчерашниот втор круг на локалните избори.
ФЛЕШ ВЕСТИ
АНАЛИЗИ
Собраниската енергија е целосно исцрпена, вегетирањето е неодржливо на долг рок, а јаловите планови за нови мнозинства, за пратенички прегрупирања без избори, се само уште една патека која води до уште подлабока и продолжена криза. Сè на сè, нè чека долга, студена и мрачна зима. Република Северна Македонија е соочена со нова неизбежна политичка, институционална и во овие околности и економска и социјална криза од непредвидливи размери, пишува Зоран Иванов.
Што покажуваат резултатите на локалните избори во Скопје?
Во вториот круг на локалните избори за градоначалник на Скопје на 31.10.2021 имаше 209.447 важечки гласови, неколку илјади помалку отколку во првиот круг на 17.10.2021 кога се гласаше вкупно за 12 кандидати.
Што покажува споредбата на резултатите од локалните избори за градоначалник на град Скопје 2021 од првиот и вториот круг на гласање, по општини?
Како прво, дека независната кандидатка Данела Арсовска значително ја зголемила својата предност во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалник во првиот круг на изборите: во Гази Баба (води со разлика од речиси 11 илјади гласа, наспроти 6.4 илјади во прв круг), во Аеродром (води со разлика од точно 10 илјади гласови, наспроти 6.597 во прв круг), во Кисела Вода (води со разлика од 9.440 гласови, наспроти 5.895 во прв круг), во Ѓорче Петров (води со разлика од 5.292 гласа, наспроти 2.694 во прв круг), во Бутел (води со разлика од 2.577, наспроти 378 гласови во првиот круг). Во општина Сарај, каде што во прв круг победи кандидатот на ДУИ Блерим Беџети со 73.10% од гласовите, Шилегов има предност од 5.087 гласови (наспроти 5.681 во прв круг).
СЛОБОДНА ЗОНА
„Говорот во кој Зоран Заев ја понуди на јавноста својата експресна постизборна оставка од премиерската и водечката партиска функција е уште еден преседан, невиден во македонската политика. Со брзината која ја донесе оваа тешка и одговорна одлука, со честитките до политичките противници и со манири на (морален) победник и во тежок (изборен) пораз, македонскиот премиер и реформатор, уште еднаш покажа државничка цврстина и големина“, пишува Џабир Дерала во ЕДИТОРИЈАЛОТ „Фала за оставката, не е прифатена!“
„Како што вети, Заев понесе одговорност и поднесе оставка за лошиот изборен резултат. Без оглед дали го сакате или мразите овој човек, и овој потег него го крева неколку копја над тоа што сме го гледале вообичаено на македонскиот политички врв во овие 30 години.
Дали таа оставка и носи добро на земјата? Ќе видиме, откако ќе заврши политичката криза, лимбо или интеррегнум, наречете го како сакате. А тоа е она што ја очекува државата во наредните месеци. Сакале – нејќеле“, пишува Петрит Сарачини во колумната „Што донесоа резултатите од изборите?“.
„За поразот, несомнено, е најодговорен Зоран Заев. Но, тој и кога губи, како и кога победуваше, одржа „премиерна“ национална лекција што ќе се памти: ја честиташе победата на противниците, а потоа без траги на нерешителност, си поднесе оставка и од премиерската и од партиската претседателска функција – нешто што во демократска Македонија до сега не е забележано!“, пишува Сашо Орданоски во молумната Прасето пред Божик не се згои – Македонија е во политичка криза!