Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ во интервју за Фокус истакна дека за поздравување е чекорот што го направи и опозицијата на лидерската средба.
Не само од аспект на прифаќање на учество во широка влада, суштината е во признавањето на легитимитетот на Владата и Собранието во носењето на одлуките, нешто што ДПМНЕ го спореше во минатото. И, најважно можеби, што повеќе немаат против уставните измени, истакна Зечевиќ.
Тој додаде дека СДСМ во овој процес тргнал чесно и со јасно дефинирана позиција и непроменет конзистентен став од почетокот.
Разочарувачки е обидот на ДПМНЕ да лови во матно за ситни дневни политички поени и тоа најмногу за внатрешна употреба, на тема која е од исклучително, егзистенцијално значење за државата. Затоа, уште еднаш ја охрабрувам ДПМНЕ, да продолжиме понатаму и да најдеме заеднички јазик. Можеме да успееме и заедно да се гордееме на новиот заеднички национален и државен успех – членството во ЕУ, вели Зечевиќ.