Намерно или ненамерно, дел од македонските медиуми вчера ја манипулираа најавата на интервјуто со грчкиот премиер Алексис Ципрас, импутирајќи му дека рекол дека македонска нација никогаш не постоела. Веќе веднаш беше јасно дека тоа е вон контекстот во кој говори Ципрас воопшто за нациите, кога вели дека во античко време не постоеле нации.
Денешното издание на весникот Етнос, инаку близок до опозицијата, го објавува интервјуто со Ципрас, во кое тој отворено говори за неговите напори да се надмине деценискиот проблем со името.
„Не е неразумно да се вклучи Македонија во името.“ – тврди тој.
Грчкиот премиер ја уверува грчката јавност дека ја уважува засегнатоста на граѓаните во земјата, особено оние од северниот дел на земјата. „Освен тоа, јас сум половина Македонец“, потсетува тој и продолжува: “Меѓутоа, она на што повикувам е трезвено да се оцени што го промовира националниот интерес, а што го поткопува. Нерешавањето го поткопува. Веќе 25 години, соседните земји и многу други земји го признаваат името Република Македонија…“
Ципрас споделува дека е подготвен да прифати комплексно име кое ќе го вклучува терминот “Македонија”, а притоа да се спречи присвојувањето на географијата и историјата.
„Значи, ако постои шанса за решение на проблемот кој датира од 1992 година, тогаш ќе биде национална глупост да не се искористи. Мицотакис прави трагична политичка грешка“ – категоричен е Ципрас.
За денеска се закажани два протести во Солун, еден на националистите кои не се согласуваат со решение на спорот со името кое ќе го вклучува терминот „Македонија“, а другиот, организиран од прогресивната левица, која поддржува такво решение и надминување на овој апсурден децениски спор.
Александрос Стаматиу
специјално за ЦИВИЛ Медиа
(Авторот е фото-репортер од Грција)