Одговорите на граѓан(к)ите на денешното анкетно прашање на ЦИВИЛ Медиа: „Што очекуваат од новата влада?“, го отсликува расположението во државата по најавите дека СДСМ и ДУИ, се наоѓаат на чекор до формирање нова влада.
Најбројни беа граѓаните, кои што целосно ја избегнуваа камерата. А, од анкетираните, повеќемина се сомневаат дека СДСМ и ДУИ, ќе се договорат и ќе формираат нова влада. Има граѓани кои, иако со нерешени социјални проблеми, одбиваат да размислуваат за политика, „сé додека не се појави трета партија“ на политичката сцена. Дел од анкетираните одговараат дека „никој не знае кој е премиер“, а дел се скептични дека воопшто „владата ќе се стокми како што треба“.
Има и дијаметрално спротивставени ставови: додека едни очекуваат новата влада да ги затвори, еднаш за навек, меѓуетничките прашања и проблеми и да отпочне нова страница со економски развој и благосостојба, на другата страна се анкетираните кои сметаат дека и политичарите во новата влада ќе бидат со криминални досиеја, а на трета, оние кои сметаат дека „не може полошо, оти е допрено до крај“
Моника Талеска
Камера: Дехран Муратов