Здружението на новинарите на Македонија го осуди нападот на новинарот на онлајн медиумот strugalajm.org, Арманд Брахо што се случи неделава во хотелот „Дрим“ во Струга.
Насер Селмани, претседателот на ЗНМ, ги повика властите брзо да го истражат и да ги казнат насилниците.
Според исказот на новинарот, насилници од редовите на партијата Алијанса за Албанците го нападнале за време на конференција, на која тој бил уредно поканет.
„Доколку сака новата власт да испрати јасна порака дека нема да толерира напади врз новинари мора да го истражи случајот и да ги изнесе насилниците пред лицето на правдата“ истакна Селмани.
Според исказот на колегата Брахо, претседателот на Алијансата Зијадин Села, пред да ја напушти конференцијата во Струга му се обратил нему со зборовите: – „Бегај одовде и не се враќај повеќе, оди кај тие што те пратиле за да им земеш интервју“. По ова, лица од партијата Алијанса за Албанците почнале да го малтретираат новинарот, го спречиле да ја пренесува конференцијата во живо, а по завршувањето на настанот новинарот бил и физички нападнат.
Брахо ги пријавил насилниците во полиција. Досега едно лице било повикано на распит, по што од МВР изјавија дека ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава против лицето, а се работи и на идентификација на другите насилници.
Ваквиот насилнички атак, соопштуваат од ЗНМ, ја потврдува оценката од Извештајот на ЗНМ за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите во 2017 година каде се вели дека нападите врз новинарите се поттикнати од политичките партии.
Б.Ј.