Вршителката на должност шеф на Мисијата на САД во ОБСЕ, Кејт М. Брнс, денеска на Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, му ја пренесе на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски, загриженоста на САД за политичката ситуација во Македонија, порачувајќи му дека САД опстојуваат на барањето -претседателот Ѓорге Иванов да ја преиспита одлуката за недоделување на мандатот на партиитекои обезбедија парламентарно мнозинство.
Изразувајќи задоволство што политичките лидери во Македонија, вклучувајќи го и претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Попоски и лидерите на сите парламентарни политички партии се сретнаа со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, за време на неговата посета на Скопје на 9-ти март, заради важноста – политичките лидери во Македонија да останат ангажирани во соработката со меѓународната заедница, како и за продолжување на дијалогот во земјата, Брнс порача дека „САД остануваат разочарани затоа што претседателот Иванов одби да им даде можност на пратениците кои имаат јасно мнозинство да формираат нова влада“.
„И натаму веруваме дека ова не е доследно на заложбите на ОБСЕ, на основните демократски принципи и на владеењето на правото. Како стратешки партнер и пријател на Македонија, но и со целосно почитување на нејзиниот суверенитет и единство, САД го повикуваат претседателот Иванов да ја преиспита одлуката“, децидна е Брнс.
Повикувајќи ги соседите на Македонија „да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во време на политичката чувствителност во земјата“, Брнс го повтори апелот на САД до македонската влада, до политичките лидери и до политичките партии, да се воздржат од напади врз граѓанските организации, и да им помогнат и да ги поддржат независните поединци и институции, како и да избегнуваат реторика која поттикнува тензии.
Брнс го поддржа и апелот на генералниот секретар Заниер за целосно спроведување на охридскиот Рамковен договор, понуди поддршка и помош од ОБСЕ и нејзините институции и ги повика сите партии во Македонија – интересите на државата и на граѓаните да ги стават над сѐ, и целосно да ги исполнат своите заложби и обврски од Договорот од Пржино.
„Политичката криза може да се реши само преку почитување на македонските закони и меѓународните обврски, како и почитување на волјата на народот, слободно изразена преку демократските процеси, вклучувајќи ги и изборите во декември лани, во духот на инклузивноста и меѓуетничката соработка“, потенцираше Брнс.