Демократската унија за интеграција на локалните избори ќе го поддржи Петре Шилегов, кандидат за градоначалник од СДСМ. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на митингот во Гази Баба, вчера, ги повика поддржувачите на неговата партија да гласаат за Шилегов.
Во однос на соработката со СДСМ, Ахмети рече дека поддршката ќе биде двострана во општините каде еден од коалиционите партнери нема шанси за победа. Тој истакна дека СДСМ, ќе ги поддржи кандидатите на ДУИ во градовите со албанско мнозинство.
„Ова ќе придонесе за зајакнување на власта и ќе биде во полза за сите граѓани“, рече Ахмети.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, исто така, најави дека со ДУИ ќе настапат како коалиција во повеќе општини и ќе ги поддржат нивните кандидати што работат во интерес на граѓаните.
„СДСМ ќе има свои кандидати за градоначалници во општините Кондово, Липково, Струга и во други општини, каде очекувам и Македонци и Албанци да гласаат за нашите кандидати, коишто се од албанска етничка припадност“, рече Заев.