Откако група загрижени граѓан(к)и алармираа за уништувањето на природата во месноста Лешница, едeн од најубавите предели на Шар Планина, каде со употреба на тешка механизација се пробиени два пата кои водат кон бачилата, имаа неформална средба со заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
По завршувањето на средбата, ЦИВИЛ Медиа разговараше со Славчо Костоски од планинарскиот клуб „Љуботен“.
„На средбата алармиравме за штетните последици од уништувањето на овој планински предел и наидовме на разбирање од заменик министерот кој вети дека ќе ги преземе сите мерки што ги има на располагање за решавање на овој проблем. Во наредниот период очекуваме и официјален состанок на кој ќе присуствува и министерот за животна средина и останатите засегнати страни“, објаснува Костоски.
Во наредниот период ќе се формира иницијатива да се стопираат активностите за изградба на двата пата на Шар Планина, а како што вели Костоски, ќе се собираат и потписи и поддршка од локалните организации, граѓанскиот сектори, граѓан(к)ите…, од сите кои се против сквернавењето на Шар Планина.
„Со овој акт, јасно се гази една од темелните вредности на уставниот поредок, а тоа е заштита и унапредување на животната средина и природата. Согласно член 18 од Законот за заштита на природата, пред да се почне со имплементација на ваков ‘проект’ потребно е да се направи оценка на влијанието врз природата. Во став 2 од овој член на Законот e дефинирано: ‘Постапката за оцена на влијанието врз природата за планираните активности во природата се спроведува со цел да се избегне или да се сведe на најмала мера деградaцијата на природата. Како деградација на природата од ставoт (2) на овој член, се сметаат особено: истребување и проретчување на видови; менување на карактерот и составот на биоценозите; нарушување во функционирањето на екосистемите; конзервирање, кршење, оштетување, уништување, сечење, откорнување, насипување, експлоатација на камен, песок, чакал, земја и минерални суровини, загадување на воздухот, почвата и водата и други слични дејствија, како и интродукција на туѓи видови во природата на територијата на Република Македонија’. Би ги прашал одговорните од Агенција за државни пасишта: дали оваа нивна т.н согласност е во корелација со гореспоменатиот Закон, во кој пак, се апроксимирани европските директиви за заштита и унапредување на животната средина. Ваквиот пристап на одредени поединци и за жал, институции води само кон еколошки катастрофи, самоуништување и генерално, кон оддалечување од ЕУ“, го објаснува проблемот планинарот Костоски .
На средбата присуствуваа и претседателот на планинарскиот клуб „Љуботен“ и експерти кои го претставија проблемот и негативните ефекти од овие градежни зафати врз овој регион за кого веќе постои и иницијатива да се прогласи на национален парк.
Марија Теговска