Прецизно и грижливо планираниот погром на Собранието на Црниот четврток заврши неславно. Груевски се лаже дека „ако сакаа да го убијат Заев“ тоа можело и да се случи. Едноставно, не можеле да го спроведат колежот докрај, затоа што во МВР, сепак, има професионалци и луѓе со морал. Тоа и низа други околности (среќни) ја спречија тоталната катастрофа.
Ние знаеме! Истрагата за крвавите настани се попречува токму во МВРО кое, во моментов, има поголема моќ од МВР. Намерно се приведуваат и луѓе кои немале врска со настаните, а тие што учествувале во операцијата шетаат слободни. Токму тие што се извлекоа од оваа намерно трапава и бавна истрага на МВРО сега се закануваат по улици и на социјалните мрежи. Тоа мора да заврши денеска! Сега!
Системот е составен од живи луѓе со име и презиме. Крајно време е да се освестат! Оргијата заврши. Мора да ја завршат работата за која се платени. Не смеат да си играат со опстанокот на оваа земја! Ако мафијашите и крволоците останат неказнети, оваа земја нема иднина, а со тоа ни одговорните во системот.
Сите што учествуваа во владеењето на кликата на братучедите или им го овозможуваа тоа со своето послушништво и компромиси направени со овој нечовечен систем, треба да се соочат со последиците. Тие што се виновни, мора да одговараат, па нека се и обвинители, судии, министри или началници. Тие што биле страшливци или опортунисти (кораборационисти), треба да (си) признаат дека му помагале на окупаторите и да ѝ се вратат на Македонија како совесни и посветени граѓанки и граѓани, да ѝ помогнат на демократијата да се врати и да остане меѓу нас.
Што им беше целта? Парите украдени од иднината на нашите деца, за илузорна позиција на моќ и за богатства како да ќе се живее вечно – тоа им беше целта. Ниту интересите на државата, ниту безбедноста, ниту благосостојбата на луѓето, ништо од тоа немаше во нивната агенда, во ниеден миг. Ова што се случува денес, го планираа со години пред да дојдат на власт.
Нападот на Собранието беше грижливо планиран, но лошо изведен. Оставија премногу траги. Јавноста знае кој е мозокот на оваа чудовишна операција. Бараме резултати! Бараме виновниците да бидат откриени и приведени пред лицето на правдата. Не само тепачите кои ги пуштија низ вода истата ноќ, уште пред да ги испратат во крвав поход, туку нивните монструозни стопани. Веднаш!