Categories

ПРЕГОВОРИ „Случај Југохром“: Средба во Владата без конкретни резултати

„Средбата беше конструктивна, но без конкретни резултати и одговори. Очекувавме да добиеме датум до кога би се решил проблемот, но тоа не го договоривме. Се согласивме дека треба да оствариме повторно средба, до која ние очекуваме решение за нашиот проблем. Доколку тоа не се случи, најавивме протест“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Бајрам Амити, претседател на синдикатот на „Југохром“, по денешната средба со претседателот на Владата, Емил Димитриев и заменикот Владимир Пешевски.

Во соопштението на Владата кое беше објавено веднаш по завршување на средбата, се вели: „Владата цени дека во решавањето на овој предизвик треба да се земаат предвид интересите на вработените, интересите за почитување на еколошките стандарди и интересите на компанијата. Владата смета дека постои можност, простор и зона на прифатливост за усогласување на овие три интереси, без ниту еден интерес да наштети на другите интереси. Деталите и опциите за усогласување на трите интереси квалитетно би можеле да се разработат од страна на политичката Влада. Постоечката Влада, во рамките на своите ингеренции, ќе продолжи да има полно внимание за оваа тема, и останува отворена за дискусија со сите заинтересирани страни“.

Седумстоте вработени во Југохром досега неколкупати излегуваа на протест, затоа што веќе трет месец не работат по исклучувањето на печките. Министерството за животна средина и просторно планирање потенцира дека фирмата ги пробила роковите за изградба на прочистителни станици, а од „Југохром“ велат дека проблемот лежи во лиценците кои надлежните институции не им ги даваат.

М. Теговска

Print Friendly, PDF & Email