Глобалната Граѓанска повелба (#CivicCharter) се промовираше на меѓународната конференција „Глобални перспективи“ (#GlobalPerspectives) која се одржува во Берлин 26-28 октомври, на која учествува и ЦИВИЛ.
„Ние, граѓаните, имаме право и должност да учествуваме во обликувањето на нашите општества“ – се вели на почетокот на овој важен меѓународен документ кој вчера се обелодени пред светската јавност. До овој момент, над 240 индивидуи и организации од целиот свет ја поддржаа оваа повелба.
ЦИВИЛ е меѓу првите 50 организации-потписнички во светот.
Човековите права и основните слободи во светот се кршат сѐ повеќе. Во голем број земји, луѓето и нивните организации се соочуваат со сериозни ограничувања и се лишени од правото да учествува во обликувањето на нивните општества. Активистите се загрозени, прогонувани, затворани, мачени и убиени. Легитимни организации на граѓанското општество се попречени во нивната работа, лишени од финансирање, забрането им е да работат и се растураат. Можностите за учество на граѓаните во јавниот живот се ограничени или затворени“ – стои во Граѓанската повелба која денеска ја доживува својата светска инаугурација пред околу 100 лидери и директори на светски организации и фондации.
„Дали ќе одбереме да молчиме или да бидеме на вистинската страна на историјата“ – заклучи Артур Ларок, директор на ActionAid од Уганда, кој ја имаше честа да ја промовира глобалната Граѓанска повелба.
Главната тема на оваа, осма по ред, годишна конференција, еден од најпрестижните глобални форуми, е иднината на јавниот простор, односно ограничувањето на граѓанскиот/јавниот простор и притисоците врз граѓанското општество ширум светот. На конференцијата учествуваат главни извршни директори на клучните германски и на водечките меѓународни организации на граѓанското општество, со претставници од политичката елита, корпоративниот сектор и академијата од целиот свет.