Од денешните изјави издвојуваме: Заев и Рама за европските манири, Дерала за изборниот мониторинг на ЦИВИЛ, Маричиќ за изборните реформи…
Заев и Рама: Ние сме Европа, без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите или не!
„Ние сме Европа, без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите или не. Нашите народи и влади, среде Балкан, демонстрираат европски манири – забрзано ги тргаме пречките и границите меѓу нас, за граѓаните, услугите и стоките да ни се движат слободно. Имаме заеднички идеи, предизвици и култури со нашите братски народи од регионот.
И тука сме со премиерот Рама да најавиме дека ќе си ги зближиме уште повеќе народите. Имаме пораки и за нашите граѓани, и за европските граѓани, и за домашните и за европските политичари – алармот е вклучен, суштината и вредностите на Европската Унија се доведени во прашање. Европските вредности се заеднички за земјите од ЕУ, но и за земјите кандидатки за членство кои ги прифатија и ги развиваат“, истакна премиерот Зоран Заев, на Првиот Економски Форум во Скопје.
„За мене, всушност, во овaа точка имаме една непроблематична разлика со Зоран, бидејќи, за мене не се случи ништо друго, освен тоа што ЕУ потфрли повторно да го одржи ветувањето, да остане посветена на аганжманот и да биде на вистинскиот став. Животот продолжува и напредокот ќе продолжи со сите сили, затоа што тој не е наметнат однадвор, туку е наметнат од нас внатре“ рече премиерот Еди Рама.
Маричиќ: Како министерство за правда ќе негуваме институционален дијалог
Изборите се вечна тема кај нас, особено во изборни години. Оваа година во очи на изборите да направиме нови препораки и се што може да го подобри изборниот процес на Република Северна Македонија, и да го направи подобар и поблизок до граѓаните, а со тоа да ги мотивираме граѓаните да учествуваат во изборите, изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ на конференцијата на ЦИВИЛ за изборните реформи.
„Како министерство за правда ќе негуваме институционален дијалог. Кај нас веќе има група која работи на измените на изборниот законик, и веќе направивме една, системот за верификација, со отпечатокот од прст. Едногласно во собранието и со поддршка од скоро сите пратеници беше изгласана измената за фингерпринт. За прв пат тоа ќе се случи кај нас, и е многу голема одговорност за ДИК. Многу одговорно се вклучија во спроведувањето на овој процес и се надевам дека така и ќе продолжи. Процесот на воведување на отпечатокот на прст не е евтин и затоа владата одвои средства. Се надеваме дека во најкраток можен рок ќе се набават апаратите и ќе се обучат луѓето, како исправно би се спровел изборите. Очекуваме голем ангажман на дик и на медиумите како и на сите институции“, рече Маричиќ.
Државата има обврска да обезбеди максимални услови за искористување на правото на глас на секоја граѓанка и граѓанин – беше категоричен претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во своето излагање на конференцијата „Изборните реформи во пресрет на локалните избори: постигнувања и предизвици“, што се одржа на 23 јуни 2021. Тој откри неколку детали за начинот на кој ЦИВИЛ се ангажира во изборните процеси и во изборните реформи.
Во врска со изборните реформи, Дерала истакна дека „процесот треба да биде соодветен на капацитетите и потребите на институциите, а уште повеќе на граѓанките и граѓаните“.