ВЕСТ НА ДЕНОТ
Од полноќ започнува официјалната кампања за претседателските избори
Вечерва по полноќ започнува официјалната кампања за седмите по ред претседателските избори, на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати.
На овие избори ќе учествуват актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, а потоа Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска од „Левица“, Арбен Таравари од коалицијата „ВЛЕН“, Бујар Османи од коалицијата „Европски фронт“, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, и Максим Димитриевски од „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Сметам дека вчерашниот настан за потпишување на Кодексот имаше тензии, меѓутоа не верувам дека ќе продолжи во таа атмосфера, затоа што главно сите услови се исполнети. Од наша страна, односно техничките услови ги преземаме согласно со законот и во согласност на етиката и моралот на сите учесници. Сметам дека ќе биде уште подобро, затоа што сметам дека ќе поминат овие детски болести на напаѓања и нефер кампања и ќе се фокусираат партиите на изборната кампања, односно претставување на програмите, откако ќе почне кампањата, рече Даштевски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОДБРАНА Петровска – Лорд Стјуард Пич: Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство ја зацврстува безбедноста на регионот и колективната безбедност на Алијансата.
ДИК До Државната изборна Комисија, заклучно со 2 април 2024, до 24 часот, се пристигнати вкупно 17 листи на кандидати за пратеници Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024.
ПРАВДА Две лица се приведени под сомнение за помагање во врска со инцидентот кој се случи во Арачиново во кој се повредени две лица.
ПОЛИТИКА Печатите од Алијанса за Албанците ги доби крилото на Зијадин Села. Ваква одлука донел Судот во Тетово. Од крилото на Села ја потврдуваат информацијата, а претседателот на АА, Арбен Таравари најавува жалба.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
- Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе предложи создавање фонд од 100 милијарди евра за пет години за помош на Украина во војната против Русија, објавија синоќа дипломатски извори.
- Во март, руските напаѓачи распоредија повеќе од 400 проектили од различни типови, 600 дронови Шахед и над 3.000 наведувани воздушни бомби против Украина, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на ИКС, пренесе Укринформ.
КОНФЛИКТИ
- Палестинската управа повторно побара да стане полноправна членка на Обединетите нации, се вели во писмото од вчера упатено до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш
- Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили, генерал-полковник Херзи Халеви во вторникот се извини за воздушните напади во кои загинаа седум хуманитарни работници во Газа, нарекувајќи го „грешка што следеше по погрешна идентификација“. Тој рече дека се истражува фаталниот инцидент, пренесува Си-Ен-Ен.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албански медиуми во регионот: ИЦГ – „Косово ја добива битката за контрола на северот“; околу 400 српски екстремисти се обучуваат околу границата со Косово; Политичкиот екстремизам во Албанија е позагрижувачки од верскиот
ИЗБОРНА ХРОНИКА
Од ДИК очекуваат фер и демократски избори; Вкупно 17 листи на кандидати за пратеници пријавени во ДИК; Пендаровски упати критики кон опозицијата за нивното претходно владеење
СЛОБОДНА ЗОНА
„Кандидатките и кандидатите за Претседателка или за Претседател на Република Северна Македонија, пред ДИК потпишаа Кодекс за фер кампања, додуша сите беа ама сите не се потпишаа, кој потпиша, потпиша, кој не, не потпиша ама тоа е и сеедно и неважно зашто и така и така само двајца од седумте ветија дека и ќе потпишат и ќе го почитуваат кодексот, другите дека ќе потпишат ама и дека не верувале во фер кампања во која, патем, и самите се нејзини креатори…“, пишува Зоран Иванов во колумната „Барем боранијата кандидатска да не е ситна и стара и ако веќе мора да е боранија, барем да е млада и крупна“.
Д. М.