ВЕСТ НА ДЕНОТ
Во Скопје почна министерскиот совет на ОБСЕ- мултилатерален форум за дијалог меѓу Западот и Истокот
Северна Македонија е домаќин на триесеттиот Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ што се одржува во Скопје, од денеска до 1 декември, на кој се очекува да присуствуваат околу 1000 делегати.
На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на ОБСЕ.
Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
ИНТЕРВЈУ НА ДЕНОТ
Бојан Маричиќ за ЦИВИЛ МЕДИА: Национализмот е силна страна на слабите политички опции!
Нашата земја, Северна Македонија, е скроена да биде успешен мултиетнички модел, општество. Затоа, така ќе дојдам до национализмот… Затоа е битно тој модел да го браниме на соодветен начин, со вистински информации, со вистински активности и со политички концепти коишто го штитат тој модел. Национализмот е многу атрактивна идеја, што обично се користи во предизборието. Национализмот е силна страна на слабите политички опции!, вели меѓу другото вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во опширно интервју за ЦИВИЛ Медиа.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Одбраната на Европа без вклучување на Украина е невозможна, бидејќи земјата ја разви најсилната и најтврдокорната армија во регионот досега, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба пред состанокот на Советот Украина-НАТО во Брисел.
Тоа што Украина опстои како суверена, независна и демократска нација претставува големо достигнување и голема победа и колку што таа напредува, толку Русија заостанува и сега е политички, воено и економски послаба, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на Советот НАТО-Украина
Руските напаѓачи го нападнаа Степнохирск , во близина на Запорижја со дрон, за време на испорака на хуманитарна помош. Една жена загина, а уште две лица се повредени, соопшти полицијата на регионот Запорижја, пренесе Укринформ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМИЈА Новиот деветти пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, што го утврди Владата на Република Северна Македонија, содржи 26 мерки со кои се таргетирани поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза.
80 ГОДИНИ АВНОЈ Совпаѓањето на денешниот датум 29 ноември, кога во главниот град на суверена Македонија се случува собирот на високите државници на ОБСЕ, точно 80 години по второто заседание на АВНОЈ, укажува на уште една симболична историска победа на нашата држава.
КОНФЕРЕНЦИЈА Во Министерството за надворешни работи денеска ќе се одржи Паралелна конференција за граѓанско општество што го одбележува крајот на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ.
ИЗБОРИ Премиерот Димитар Ковачевски вчера потврди дека на лидерската средба во Собранието ќе се разговара за датумот за одржување на претседателските и парламентарните избори што треба да се одржат следната година.
ПРАВДА Почнува постапката за избор на нов државен јавен обвинител.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор од албанските медиуми во регионот – Косовските пасоши за Србите – прашање на интеграција или избор; И денеска во Хаг продолжува судскиот процес против поранешните лидери на ОВК; Во Звечан уапсен српски државјанин баран од ИНТЕРПОЛ; Албанија ја слави 79-годишнината од ослободувањето; Рама скептичен за почеток на преговори со ЕУ поради Грција; Специјалниот суд на Косово, театар без публика
ЗЕЛЕН ФОРУМ
„Мојата лична перцепција е дека зелените теми не се доволно застапени би рекол во мејнстрим медиумите. Помали медиуми кои претендираат да се бават со истражувачко новинарство преку репортажи или анализи знаат во своите медиумски содржини да ги обработуваат овие теми. Меѓутоа, треба да се знае дека со цел темите да бидат претставени и граѓаните запознаени во поширок контекст, потребно е и оние традиционални, големи, медиуми посебно да обрнуваат внимание на овие теми малку од аналитичен аспект“; вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, во интервјуто за ЗЕЛЕН Цивил.
Подготви: Д. Тахири