ВЕСТ НА ДЕНОТ
Уставен суд отвори 15 предмети по сопствена иницијатива за работата на повеќе општини
Уставниот суд денеска ја одржува 10. Седница на која е предвидено да се дискутира за 15 предмети кои Судот ги оформил по сопствена иницијатива, а се однесуваат на одредби од деловниците за работа на 15 општини.
Како што информираат од Уставен, овие предмети ги оформиле поради индиции дека општините излегле надвор од надлежностите преку доделување на можност Советите да даваат автентично толкување на одлуките кои самите ги донесуваат.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Османи: Интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјалистички амбиции
Интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјалистички амбиции. Украина е само прва станица, а една од следните ќе биде Западен Балкан, подвлече денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој го водеше традиционалниот НАТО настан, со што започнаа Деновите на НАТО во земјава, со кои се одбележуваат четири години од членството на Северна Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИЗБОРНИ НАБЉУДУВАЧИ Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги прифати барањата за акредитацијата на набљудувачи на претстојните претседателски и парламентарни избори во државава поднесени од Меѓународната организација за изборни системи ИФЕС и Набљудувачката мисија на ОБСЕ.
4 ГОДИНИ НАТО Централна свеченост по повод четири години од членството на Северна Македонија во НАТО се одржа денеска на платото пред Министерството за одбрана.
ПСЈИЕ Во организација на владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП) денеска во Скопје се одржува состанок на министрите за европски прашања на земјите-учеснички на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) 2024, во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со оваа регионална организација.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
- ОН: Најмалку 32 украински заробеници егзекутирани во руско заробеништво во текот на зимата
- Во руските напади на регионите Харкив, Суми, Херсон, Никопол, Запорижја со беспилотни летала и артилерија, повредени цивили и уништена инфраструктура
- Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба беше домаќин на брифинг во живо со над 160 новинари и уредници од целиот свет
ИЗБОРИ
„Искреноста и транспарентноста се пресудни“ – една од пораките што ги упати претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, како учесник на Форумот на ИФЕС и ОБСЕ за граѓанските организации и изборите, на кој учествуваа видни претставнички и претставници на релевантни организации и институции, вклучени во изборните процеси.
АЛ-ПРЕС
Во Тирана денеска активисти и новинари се собраа пред кабинетот на премиерот во знак на протест против насилничкото однесување на премиерот Еди Рама кон новинарката Амброзија Мета, известија албанските медиуми.
Неколку дена по спроведувањето на одлуката на Уставниот суд за Дечанскиот манастир, како услов за членство на Косово во Советот на Европа, Комисијата за политички прашања и демократија ќе го разгледува извештајот за членството на Косово во овој совет, пренесуваат косовските медиуми.
Ова се дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Човекот кој ќе биде на првото место на изборната листа за „четворката“ од ВМРО-ДПМНЕ веројатно ја изговорил како млад човек оваа позната реченица од филмот „Се сеќаваш ли на Доли Бел“ од насловот. Тоа, ако никогаш дотогаш секако ја изрекол кога ја гледал огромната зграда, поставена на површина од 2.000 квадратни метри на веројатно најатрактивното место на охридското крајбрежје – Свети Стефан.“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредува: Александар Николоски, еден од протагонистите на меѓународниот „кавијар“ скандал“.
„Јавноста е веќе навикната да гледа калкуланти и профитери во политиката како се „покајуваат“ и ја менуваа политичката страна (по којзнае кој пат!). Некои од нив успеваат да ги преживеат и најголемите политички земјотреси и поплави, без да им се намали кредибилитетот и банкарското конто (напротив, расте).“, пишува Џабир Дерала во колумната „Време на измамници“.
„Во претседателската кампања се наслушавме на споменување на имиња на познати професори и мислители, наши и светски. Некој веројатно мисли дека со тоа се подига авторитетот и компетентноста на кандидатката/кандидатот. Но јас моето мислење за ова веќе го кажав, минатиот пат напишав дека ни требаат политичари, а не само професори со научни титули и трудови.“, пишува Војо Маневски во колумната „Можат ли платите да растат со владини мерки?“.
Подготви: Д. Тахири