ВЕСТ НА ДЕНОТ
Итни законски измени во Собранието – наместо до вечерва на полноќ, возачките со „Република Македонија“ ќе може да се заменат до 31 декември 2024
Собранието попладнево, во рамки на 144. седница, по итна постапка треба да ги донесе законските измени со кои, наместо 12 февруари 2024 година, крајниот рок за замена на возачките дозволи со ознака „Република Македонија“ ќе биде 31 декември 2024.
Сопствениците на возила, заклучно со 12 февруари годинава мора да извршат промена на ознаката „МК“ на регистарските таблички со новата ознака „NMK“. Налепниците со новата ознака „НМК“ ќе чинат најмногу 50 денари, а ќе можат да се набават во станиците за технички преглед.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
– Точно е дека имавме после координацијата и состанок со премиерот Џафери, со министерот за внатрешни работи и со координаторите на пратенички групи. Можам да кажам дека сме блиску до решение. Секако, во текот на денот ќе продолжат координациите и можам и да кажам дека во текот на денот ќе закажам итна седница граѓаните да бидат спокојни овој проблем ќе настојувам да се реши во текот на денешниот ден, Претседателот на Собранието Јован Митрески.
ПАСОШИ Македонските амбасади во Берлин и во Лондон на нивните официјални фејсбук страници објавија инструкции за државјаните на Република Северна Македонија кои престојуваат во странска држава и кои до 12 февруари 2024 година се уште немаат извадено нов пасош, а имаат намера да аплицираат за издавање на пасоши во РС Македонија, дека можат да се вратат во земјата со Патен лист што се вади без термин, со важност на траење од 30 дена од денот на издавање и служи само за враќање во државата.
ПОЛИТИКА Пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог за законски измени со кои возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
„Знаете зошто Украина е важна? „Од причина што, како што можете да видите, рускиот претседател Владимир Путин се насочи на многу поголеми цели“, напиша Бајден.
*
Зошто дискредитираните Американци како Стивен Сигал, Скот Ритер, Такер Карлсон, Оливер Стоун, како и „Аксис Сали“, Фред В. Калтенбах пред нив, се впуштаат во улога на пропагандисти на озлогласени диктатори, како Путин и Хитлер, низ историјата. Зошто и денес, овие и други обесчестени Американци инсистираат да ја бранат реториката на Путин?
АЛ-ПРЕС
Граѓаните од српско етничко потекло заедно со Српска Листа денеска на пладне ќе протестираат против регулативата на Централната банка на Косово за прекин на оптекот на динарот во земјата.
На северот на Косово се појавија графити „Кад се војска на Косово врати“, како пред нападот во Бањска, за што реагираат косовските политички аналитичари, ова се дел од содржините објавени на АЛ-Прес.
ЕДУКАЦИЈА Пропаганда, што е тоа?
Пропагандата е форма на комуникација што користи вистинити или лажни информации за да влијае и да манипулира со мислењето, емоциите и однесувањето на луѓето.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За 30 години преку државната ЕСМ се изградени капацитети за нешто помалку од 150 мегавати. Сѐ другото се приватни инвестиции на домашни и странски компании, а се со капацитет од 900 мегавати. Зошто на секоја шанса да се градат нови капацитети се дига и кука и мотика против тој проект. Посебно ако инвеститорот не е поврзан со „семејството“ на трговци со енергија?“, пишува Војо Мнаевски во колумната „Време ли е наместо на куклите да им се обратиме на кукларите?“.
*
„Да ја сакаме демократијата!
Но, не онаа демократија која ни дава права, а не бара одговорности. Туку демократија каде што секој поединец од „демосот“ многу внимателно и одговорно ќе се однесува, за уште поодговорно да владее, а сѐ со цел заслужено да си ги добие своите права кои од таквото однесување и владеење неминовно ќе произлезат. Тогаш, можеби и ќе знае што да прави со нив…
Тоа е вистинскиот демократизам.
Тоа е вистинскиот патриотизам.
Тоа е вистинскиот европеизам“, пишува Дарко Џорлев во колумната „Демократизам, патриотизам, европеизам“.
Д. Муратов