ВЕСТ НА ДЕНОТ: Наместо една директорка, 200 лица во карантин!
Директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска е четвртиот потврден случај заболен од коронавирусот во земјава. Таа пред една недела допатувала од Италија и изминатите пет дена редовно одела на работа.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција соопшти дека таа доцна синоќа била дијагностицирана со корона вирус на Клиниката за инфективни болести, и оттогаш е хоспитализирана.
Тој изрази огромно разочарување поради нејзиното непочитување на препораките и апелите за задолжителната автоизолација после секое патување во ризичните региони.
На втората прес конференција министерот за здравство Филипче изјави дека клиниката за кожни болести е затворена, а пациентите и персоналот се испратени во своите домови на 14-дневна домашна изолација.
Во домашна изолација се 64 здравствени работници вработени на Клиниката за кожни болести, 13 пациенти кои биле хоспитализирани на клиниката и 11 кои биле во дневната болница. Покрај нив, во домашен карантин се и 103 учесници на симпозиум на дерматовенеролози кој се одржал во саботата во скопскиот ресторан „Рагуза“, на кој учествувала и директорката. Во карантин се и двајца членови на нејзиното семејство. Покрај тоа, денеска на Клиниката за инфектологија се тестирале осум нови лица, информираше Филипче.
„Клиниката за кожни болести ќе биде затворена, пациентите ќе се пренасочат кон другите одделенија за дерматовенерологија кои ќе функционираат во градот и ширум државата. Сите пациенти се прегледани и се пратени на домашно лекување и здравствен надзор. Исконтактирани се и сите колеги кои присуствувале на семинарот во саботата. Добро е што станува за патологија што може да се третира и одложено, значи нема потреба од итност. Но, за некои итни потреби имавме комуникација со колегите од кожната Клиника кои можат да направат систем на ротација имајќи ги предвид колегите кои не присуствувале на тие настани, значи тоа се пред се дел од колегите од ГОБ „8 Септември“, рече Филипче.
Тој потенцира дека не е точно дека било пријавено во Министерството за здравство дека директорката на Клиниката за кожни болести се вратила од Италија.
„Навистина чувствувам голема разочараност за ова што се случи покрај оваа напорна 24-часовна работа овие изминати недели. Најмалку што оекувавме некој што доаѓа од фелата да не ги почитува препораките. Ќе бидат преземени соодветни мерки. Сега во овој изборен период гледаме кои се можностите. Сега Клиниката и нема да работи меѓутоа во првиот момент директорката ќе биде суспендирана. Исконтактирав со партиското раководство директорката во изминатата недела немала партиски активности“, додаде Филипче.
Биљановска била на скијање во Италија, а оттаму се вратила пред една недела, по што одела на работа во Клиниката пет дена и не ги почитувала препораките за самоизолација по враќање од ризичните региони.
Предизвикување општа опасност (Член 288) – Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
Пренесување на заразна болест (Член 205) –(1) Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
Злоупотреба на службената положба и овластување (Член 353) – (1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
Несовесно работење во службата (Член 353-в) – (1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
Препораките на Министерството за здравство се задолжителна автоизолација после секое патување во ризичните региони, што директорката очигледно не ги почитувала, враќајќи се на работа и при тоа загрозувајќи го здравјето на своите колеги и пациентите на Клиниката за кожни болести.
БЛИЦ: Да не беше жртвата на улица, Џек Мевосек немаше да ја нападне
Џабир Дерала: Значи, да не ја испеел Зекирија Ибрахими албанската химна во Собранието, протестите на 27 април ќе продолжеле мирно. Неверојатно! Просто непотребно да се коментира.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Спасовски: Донесовме храбри одлуки, со право очекуваме декаќе се вреднува од земјите членки на ЕУ
Германија целосно го поддржува членството на Република Северна Македонија во ЕУ и во тие рамки и скорешното отворање преговори со нашата држава, соопшти директорката за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи, Сузане Шутц на средбата со претседателот на Владата, Оливер Спасовски.
„Се зафативме уште помотивирано за реформите значајни за граѓаните и за европските перспективи, за да ги покажеме нашите сериозни определби кон европските интеграции. Во тој дух, низ дијалог го донесовме и Законот за јавното обвинителство. Ги развиваме добрососедските односи и работиме преку почитување на Уставот, на имплементацијата на договорите со Грција и со Бугарија. Ги исполнивме очекувањата, донесовме важни, историски, храбри одлуки и со право очекуваме дека ова ќе биде вреднувано од нашите пријатели, земјите членки на ЕУ“, изјавил премиерот Спасовски.
На средбата соговорниците констатирале дека политиките на дијалог што ги применува Владата се придобивка кон развојот на добрососедските односи и стабилноста во целиот регион, како и дека отстапките од овие позитивни процеси не носат ништо добро ниту за земјата, ниту за регионот.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ: Предизборна размена во Будмпешта
Дали средбата со Виктор Орбан е параван за друга средба, со Никола Груевски, или Мицкоски мисли дека освен на средбата, јавноста мисли дека бил на шопинг?
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО:
Професорите на Економскиот факултет во Скопје Славе Ристевски и Драге Јанев се осудени на 2,5, а нивниот колега Бобек Шуклев на две години затвор за случајот „Еразмус”, односно за барање поткуп од студенти за полагање на испити. Демонстраторот Драган Денковски доби условна казна од две години, а професорот Стојан Дебарлиев е ослободен од обвинението.
Судечкиот совет денеска покрај затворските казни, на осудените професори им изрече и мерка забрана за вршење дејност од 10 години.
*
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска на прес-конференција го повтори ставот дека е против трансферот на вработени од јавен во приватен сектор бидејќи според нив оваа реформа ќе се користи за уцени и заплашување врз вработените.
*
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска изјави дека се создадени услови за да биде отстранета галијата што се наоѓа во близина на стара пошта, без опасност Градот да сноси какви било финансиски импликации.
„Создадени се услови и во рок од 30 дена, сметано од денеска, корисникот треба да го отстрани она што се нарекува урбана опрема. Во спротивно по истекот на рокот, Градот на негов трошок ќе го направи тоа, по 10 април оваа година“, нагласи Шилегов.
Градоначалникот појасни дека според направените анализи, објектите од проектот „Скопје 2014“, што се наоѓаат во коритото на реката Вардар сериозно можат да предизвикаат поплави кои ќе нанесат материјална штета и ќе ги загрозат безбедносата и здравјето на скопјани.
*
Во среда на полноќ (11 март) завршува пријавувањето на македонските државјани кои работат и живеат во странство за гласање на парламентарните избори закажани на 12 април. Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) до денеска пријавени за гласање се 4.299 македонски државјани од повеќе делови на светот.
Засега е неизвесно дали воопшто ќе се одржат избори во дијаспората ако се знае дека најмалку 6.540 македонски државјани треба да се пријават за гласање за да се организираат избори во странство. Според македонскиот закон, околу 6.540 гласови освоил пратеникот кој добил најмалку гласови на минатите парламентарни избори.
Во ДИК велат дека имајќи ја предвид динамиката на пријавување на нашинците од дијаспората за гласање неизвесно е дали таму ќе се организираат избори воопшто. Сепак, треба да се почека до среда на полноќ за да се знае дали или нема да има избори во дијаспората.
Најмногу за гласање до денеска се пријавени во Мелбурн – 468 и во Венеција – 462.
*
Увид во Избирачкиот список за гласањето на предвремените парламентарни избори на 12 април до денеска во подрачните оделенија и канцеларии на ДИК направиле 7.526 граѓани. Јавниот увид завршува во среда на полноќ, на 11 март. Дотогаш е отворена и можноста за проверка на податоците на избирачите, бришење или дополнување во Избирачкиот список.
Засега нема информација колку граѓани ги провериле своите податоци електронски преку апликацијата на веб страната на ДИК.
ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд одлучува во рок од 24 часа од приемот.
Рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на македонските државјани за гласање на изборите на 12 април завршува исто така на 11 март.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Панел на ЦИВИЛ: „Жртви на режимот – сведоштва и слики“
Панел дискусијата „Жртви на режимот – сведоштва и слики“ што ја организира ЦИВИЛ ќе се одржи во среда, 11 март, во Парк Хотел (зад Градскиот стадион), со почеток во 12 часот.
Режимот ја зароби и ја злоупотреби државата, а особено полицијата, судството и медиумите, а секој обид да се изрази поинакво мислење, го санкционираше со апсења, тортура, монтирани судски процеси и линч во медиумите и на социјалните мрежи. Притворот се претвори во казна, а затворските казни беа максимални и драконски, засновани на сомнителни докази и сведоци.
Голем е интересот на јавноста за оваа тема, особено по одржувањето на панел дискусијата на 21 декември 2019 година.
ЦИВИЛ уште еднаш ќе ја отвори оваа тема во јавноста, за да не се заборават злоделата на еден авторитарен режим.
По излагањата на панелистите, присутните ќе имаат можност да постават прашања или да споделат сопствени искуства.
Добредојдени се медиумите и сите заинтересирани граѓанки и граѓани.
Голем национален семинар на ЦИВИЛ за граѓанско новинарство и мониторинг
На 21 март (сабота) во Скопје, хотел Континентал, ЦИВИЛ организира голем семинар за граѓанско новинарство и мониторинг на национално ниво. Семинарот е посветен на спроведувањето на транспарентни и одговорни политички процеси со посебен акцент на мониторингот на државните институции за спроведување на предвремените парламентарни избори во земјата, како и сите учесници во процесот.
Овој семинар е одлична можност за сите граѓанки и граѓани кои сакаат да соработуваат со ЦИВИЛ во изборниот мониторинг или во други проекти на ЦИВИЛ.
Право на учество имаат сите заинтересирани граѓан(к)и од целата земја. Поради новата методологија, ЦИВИЛ ќе ги земе предвид и апликациите на оние граѓанки и граѓани кои претходно учествувале на некој од семинарите на ЦИВИЛ, но предност ќе имаат тие што за прв пат се пријавуваат на овој семинар. Патните трошоци ги покрива организацијата.
Во период на политички превирања, кога низ државата сè почесто има протести, говор на омраза, граѓанските новинар(к)и се тие кои може да придонесат кон зачувување на мирот и зајакнување на демократските процеси.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани, како и своите досегашни учесници и соработници од семинарите за граѓанско новинарство, како и сите заинтересирани за мониторинг на изборните процеси да фотографираат, снимаат и забележуваат.
Говорот на омразата, дезинформациите, лажните вести, црната кампања и корупцијата се темите кои се во фокусот на нашата работа. Преку граѓанското новинарство, граѓанките и граѓаните имаат можност да бидат контролори на работата на државните и локалните функционери и институции и да вршат притисок тие да работат според законите, транспарентно и одговорно.
СЛОБОДНА ЗОНА
Во денешната колумна „Кој му го смести на Милошоски“, Сашо Орданоски потсетува: Со „бомби“ располагаа Заев и СЈО. Но, пред тоа, со илегално снимени разговори располагаа оние кои ги правеа злоупотребите за режимот беспрекорно да функционира (Груевски, Мијалков и неопределен број на други лица од нивната партија), а и оние кои, за свои потреби, си „играа“ со нивно неовластено објавување, како што се „оправдано отсутниот“ Палчо (со своите домашни и странски „соработници“) и извесниот „Ел Чека“.
Да не постоеше, НАТО денеска ќе требаше да се измисли. Особено за нас. Зошто ? За помалите земји (како Македонија на пример) мултилатералниот „чадор“ на Алијансата ја потврдува тезата дека, за опстанок и прогрес на државата, бројот на пријателите во светот е поважен од бројот на тенковите дома. За мултиклултурна, мултиетничка и мултиконфесионална Македонија членство во НАТО ќе придонесе за дефинитивно затворање на едно суштинско политичко и безбедносно прашање- територијалниот интегритет на земјата, како крај на еден долг процес на дефинирање на македонската држава, пишува Александар Писарев во колумната „ Да не постоеше, НАТО денеска ќе требаше да се измисли“
Дијана Тахири
во соработка со Маја Ивановска и Биљана Јордановска