Сашо Орданоски, политички аналитичар, во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА ги разобличува поттикнувачите на меѓуетнички конфликти, националистичките агенди и тесната поврзаност на политичките и општествените структури, вклучително и медиумите, во градењето позитивни или негативни контексти во доменот на меѓуетничките односи.
Орданоски говори за придонесите, лични, но и колективни, во надминувањето на национализмот и етничката омраза, укажува на нивната штетност, како и на начините за разбивање на националистичките реторики во политичкиот и општествен дискурс, меѓу другото и во поглед на процесот на евроинтеграција на нашата земја.
ЦИВИЛ МЕДИА: Како ја оценувате состојбата на меѓуетничките односи во Република Северна Македонија? Кои фактори влијаат позитивно, а кои негативно на меѓуетничките односи? Дали во нашата земја се негуваат стереотипите и предрасудите на етничка основа и кој е одговорен за нив? Како да ги надминеме?
Орданоски: Во последните неколку години факт е дека меѓуетничките односи не се меѓу првите политички теми за кои се расправа во општеството и на политичката сцена. Тоа го потврдуваат и истражувањата на јавното мнение каде што неколку теми пред сѐ здравствената состојба со пандемијата во државата, потоа социјалната, општествената, економската состојба се секако оние кои што доминираат со агендата. Некако меѓуетничките односи се потисна подолу на темите за расправата. Тоа е резултат меѓу другото и на релативната опуштеност на тие односи, особено по доаѓањето на сегашната власт во позиција да ги диктира темите за кои се расправа во општеството. Како што се знае долги години, па и децении, меѓуетничките односи беа главниот избор за добивање гласови на изборите во Македонија што претставуваше силен поттик за партиите особено оние со националистички агенди да пред секои избори, а такви имаме ние речиси секоја година, што редовни што вонредни, да ги поттикнуваат меѓуетничките односи бидејќи носеа во нивните етнички кампови одреден број на гласови.
Сега, со ставањето на една друга тема на агендата како што е едно општество за сите, без разлика дури и колку успешно тоа се развива, а тоа е и една од ризиците меѓуетничките односи повторно да се вратат на сцената, но со правењето и на предизборните меѓуетнички коалиции каде што ние прв пат во историјата на Македонија добивме меѓуетничка коалиција која е формирана со јасна програма пред изборите, некако се испумпаа оние теми кои што беа помалку и вештачки наметнувани, се разбира, вон неопходноста за тие односи да се разговара кога има реални проблеми. Така што во овој момент, ситуацијата во Македонија е прилично опуштена во таа смисла, а меѓуетничките односи секогаш биле и ќе останат на врвот на интересот на политичката и општествената заедница, бидејќи нивното разнишување на тие односи, манипулацијата со тие теми и така натаму, секогаш е многу лесно, може релативно брзо да се создадат одредени политички тензии, бидејќи во Македонија сеуште егзистираат одредени културни, политички стереотипи, одредени политики од кои што важни актери па и поединечни политички кариери црпат теми за своето авансирање на политичката сцена.
И во таа смисла тие ризици се присутни и треба да се внимава на нив, особено кога доаѓаме во ситуации повторно некои идентитетски проблеми, овој пат поврзани со македонски етникум, да се вадат на високи приоритетни точки на агендата на македонските евроинтеграции, што секогаш произведуваат простор за оние кои што сакаат да ги злоупотребуваат тие теми, тоа на ефикасен начин да го направат.
ЦИВИЛ МЕДИА: Како Вие лично можете да придонесете кон надминувањето на национализмот и етничката омраза во нашето општество? Што ќе им препорачате на различните засегнати страни во општеството и креаторите на политики и практики во оваа сфера, како што се медиумите, граѓанското општество, институциите, политичките партии, академијата, како и други чинители?
Орданоски: Сите оние кои што настапуваат во јавната сфера, со свои ставови имаат шанса да обликуваат, како што се политичарите, новинарите, аналитичарите, интелектуалци, воопшто земено коишто со своите текстови, коментари, со своите настапи во дебатни емисии или дури низ своите активности на јавните социјални мрежи имаат силно влијание врз формирањето и креирањето на таа агенда. Нивната одговорност е дотолку поголема што тие не можат да бидат анонимни како што на социјалните мрежи често пати таа анонимност доведува до можност за радикализација, говор на омраза и така натаму бидејќи луѓето што се чувствуваат комотно да кажуваат разни глупости кога не можете да ги поистоветите со нивните вистински идентитети.
Јавните интелектуалци, оние кои што се вклучени во која било сфера од животот која влијае врз политичката агенда ја немаат таа можност, бидејќи одговараат за она што го прават и советот е се разбира секогаш да се биде свесен дека зборот може да направи и многу корист и многу штета, во зависност од тоа како што се употребува таа јавна позиција. Иако конечно нема забранети теми но има забранет начин на кој се дискутираат теми, а тоа пред сѐ се однесува на неаргументирани работи, ширење на лаги, ширење на заговори и така натаму, и сè до она ниво кога експлицитно се работи за ширење на говор на омраза.
Мислам дека Македонија во таа смисла се наоѓа во една рамка, на еден однос на силите кој што е многу под влијание од светските текови. Ние знаеме дека во светот политиката воопшто се радикализираше, и со губењето на силата на либералната демократија тие теми се вратија на многу манипулативен мобилизаторски начин во политичките агенди на разни фактори во светот. Но, ми се чини со губењето на изборите на господинот Трамп во САД ќе се врати, па и со разни исходи во европски контекст, ќе се врати на сцена тој баланс на една либерална поумерена политика која што има чувство за тоа како, зошто, кого и кој шири конфликти, особено на меѓуетнички теми.
ЦИВИЛ МЕДИА: Kолку и на кој начин национализмот и етничката омраза се штетни за општеството и за нашите ЕУ аспирации? На кој начин тие појави се спротивни на европските вредности?
Орданоски: Не е воопшто спорно, ниту е некаков проблем да се констатира лесно дека радикалните агенди, сите, а особено овие кои што се врзани за идентитетските проблеми како што се темите во сферата на етничките односи, идентитетските проблеми, во смисла на своите културни припадности и така натаму. Доколку се третираат на еден екстремен начин, произведуваат атмосфера која што е исклучива, која што се потпира врз непријателства, врз омраза и така натаму. Во таа смисла, играњето со национализмот е многу опасно играње, не само затоа што ние во последните три четириесет години во овој дел на светот, на Балканот тоа може да има и крвави последици, да се водат војни на тие теми, и затоа што светот па и регионот веќе одамна сака да се помести во една друга сфера на принудување на таквите односи на интегрирање во еден европски контекст, кој што подразбира натпревар во други теми, иновативност во соработка, кој што подразбира споделување на одредени реалности без потреба да се прават конфронтации и да се создаваат непријателства.
Тоа е во центарот на политиките во Европската Унија кога се работи за оној политички дел, кога е во прашање Балканот и ние гледаме дека инсистирањето на Брисел и на важни големи центри на моќ во Европа, па и на Американците, за една соработка меѓу етникумите, меѓу нациите, и преку гранична, е во суштина централната точка на политичката клима која што треба да не доведе во понапредна фаза на евроинтеграциите.
Мислам дека сите за тоа се свесни во Македонија, па дури и оние кои што се претставници на националистички партии и идеи, доколку не се работи за некои крајни десничарски формации и дека повеќе или помалку ретко ни се случува да имаме експлицитни злоупотреби на таа тема од било која страна, бидејќи мислам дека воопшто нивото на свеста во заедницата е многу подигната, дека тешко можат такви манипулации да поминат со политички профит, а и од друга страна и самите политичари па и нивото на една коректност во комуникацијата во политичката сцена е далеку, далеку поиздигната колку што таа била пред две -три децении и кога тие теми претставуваа извор на конфронтации, на политички профит и така натаму.
Арбен Зеќири
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска
Оваа содржина е дел од Иницијативата „Обединети во различноста“ посветена на промовирање на различностите како предност, богатство и квалитет на нашето општество. Иницијативата ја води ЦИВИЛ, со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Наодите, мислењата и другите онлајн содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, не секогаш ги одразуваат оние на донаторите на ЦИВИЛ. Ставовите изнесени во изјавите, интервјуата, анализите и колумните, се одговорност исклучиво на Автор(к)ите.