Од денеска започнува владината кампања „Вакцинирај се“, за што помасовна имунизација и борба за спречување на дезинформациите и на сите лажни митови за вакцините што се шират во јавноста, соопштија нејзините промотори премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче
Да го спречиме губењето нови човечки животи, да ги вратиме насмевките на нашите лица, да ги одмориме лекарите, болничарите и медицинските сестри, повторно да одиме на културни настани и спортски натпревари, да го вратиме животот повторно во нормала… ова се само некои од поракитеод кампањата , за која е изработен и видео спот, која ќе трае во наредните неколку месеци.
Заев и Филипче уште еднаш апелираа дека вакцините се безбедни, ефикасни и претставуваат единствен начин за надминување на пандемијата, за спас од тешките форми на КОВИД и од смртен исход. Достапни се од сите производители, а количествата постојано се надополнуваат со нови пратки.
Премиерот упати и посебна порака до антиваксерите. Рече дека протестот е уставно загарантирано право, но исто такво право е и правото на здравје. Мерките за заштита кои се предлагаат, како вакцинацијата, повтори, се единствен начин за борба против вирусот.
И тој и министерот Филипче предупредија на опасноста од новиот бран и новиот делта сој. Рекоа дека имунизацијата се зголемува, тече непречено на сите пунктови, но се уште обемот на опфатот не е доволен.
-Обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки, а вакцинацијата е единствен начин за враќање на животот во нова нормалност. Граѓаните мора да ги имаат точните, стручни информации за вакцините. Се наоѓаме во критична фаза поради мутациите на вирусот и новиот бран, но и поради антиваксерското информирање. Фактот дека најголем процент од заразените се невакцинирани, е единствена потврда за ефикасноста на вакцините. Тие се и безбедни. Според динамиката со која бројот се зголемува, пред нас е период кога ситуацијата може да е критична, посебно во средините каде најмалку има вакцинирани, рече Заев и дополни дека новите мерки даваат ефект, а во земјава е надминат бројот од 1,160 милиони аплицирани вакцини.
И Филипче, кој посебно апелира до младите да се вакцинираат, истакна дека вакцината во моментов е најсилното оружје за борба со вирусот, а сите вакцини се безбедни и драстично го намалуваат ризикот од тешка форма на болеста и од смртен исход.
– Имаме пораст на вакцинацијата, но се уште сме далеку од потребниот опфат и излез од кризата. Би сакал на младите да им порачам, вакцинирајте се, заштите се себе си и своите најблиски, подвлече министерот, потсетувајќи и дека меѓу младите има тешки КОВИД случаи.
Тој порача дека ќе продолжи борбата и со дезинформациите кои ги збунуваат и ги плашат граѓаните.
-Наша цел е да ги разбиеме митовите и невистините за вакцините. Ќе побараме поддршка од сите лекари, експерти, лидери… Пандемијата донесе тага, не оддалечи од блиските, ги испразни училишните клупи. Кампањата во наредните неколку месеци потсетува на сите моменти на среќа – патувањата, средбите, дружењата, културните настани, спортските натпревари. Ќе не потсети на се што можеме да изгубиме ако не се избориме со вирусот. Верувам дека овие пораки никого нема да остават рамнодушен. Апелирам до граѓаните – вакцинирајте се. Јавното здравје е заедничка одговорност и зависи од сите нас, рече Филипче.












