ЦИВИЛ ќе организира серија панел дискусии на актуелни светски и домашни теми, најмалку еднаш неделно, од почетокот на февруари, секоја среда, со почеток во 13 часот.
Темите што ги одбра тимот на ЦИВИЛ се извонредно интересни и актуелни. Агендата во наредните два месеци изгледа вака:
9 февруари „Руско-украинската криза и Северна Македонија“, 16 февруари „Нелегалното оружје и организираниот криминал: Сè е поврзано“, 23 февруари „Информациски хаос: Трендови и перспективи“, 2 март „Изборен систем и реформи: Препораките на ЦИВИЛ“, 9 март „Еднаквост на жените: Длабока хибернација“, 16 март „Мултикултурализам: Основа за развој, стабилност и почитување на човековите права и слободи“, 23 март „Безбедноста и реформите во полицијата: Поблиску до граѓанките и граѓаните“.
Времетраењето на сите настани ќе биде 60-90 минути и ќе бидат пренесувани во живо на онлајн платформите на ЦИВИЛ, со почеток во 13 часот. Тие ќе се одржуваат во комбиниран формат, со онлајн и со физичко присуство.
Програмата ќе ја водат луѓето од составот на ЦИВИЛ, аналитичарите, истражувачите и експертите со кои организацијата редовно соработува.
ЦИВИЛ ги поканува на учество сите што сакаат да учествуваат со свој прилог, да изнесат став или информации за темите. Доволно е да се напише мејл (desk@civil.mk) и накратко да се најави или опише содржината со која заинтересираните сакаат да учествуваат.
Зависно од настаните и можностите, редоследот на настаните, може да биде променет, да се одржат вонредни изданија или во агендата да влезат и други теми.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Тупанчески: Извршната власт не би требало да има допирна точка со судската власт
Извршната власт не би требало да има допирна точка со судската власт кога станува збор за донесување одлуки во судството и обвинителството, смета новиот министер за правда Никола Тупанчевски.
„Нема да биде лесно, но можам да ветам дека Министерството за правда ќе создаде услови за добро и непречено работење на сите сфери од правосудството, не само судството и обвинителството, туку и нотарите, медијаторите, извршителите и Управата за водење на матични книги. Министерот не е судија и обвинител, но Министерството мора да обезбеди услови за работа. Постојат можности. Јас ќе продолжам со политиките на претходниот министер и тоа ќе биде надградено. Има сфери каде што треба промптно да се интервенира“, изјави Тупанчески во емисијата „Утрински брифинг”.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Однесувањето на политичарите кон изборните процеси и потребата од реформи во изборниот систем е само еден од многуте примери за уништување на клучните општествени проекти во земјата. Тие свесно и исто толку безобѕирно предизвикуваат ненадоместливи и долготрајни штети кои „проголтуваат“ цели генерации“ – пишува Џабир Дерала во денешниот едиторијал „Политичарите ги киднапираат процесите, ги уништуваат, а потоа други им се виновни“.
Украинскиот министер за надворешни работи, Кулеба, на прес конференција пред 220 новинари од целиот свет
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, денеска одржа прес конференција пред 220 новинари од целиот свет. Само две редакции од Северна Македонија, меѓу кои беа и новинарите на ЦивилМедиа, учествуваа на едночасовниот прес на Кулеба.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРАВДА Уставниот суд го отфрли барањето за заштита на слободите и правата поднесено од професорката Тања Каракамишева во 2019 година, во кое таа образложува дека со Договорот од Преспа и се повредени правото за забрана од дискриминација и правото на слобода на мисла и изразување.
Во Битола е приведен мажот кој пред десетина дена му испрати заканувачко писмо на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Истиот човек и се заканувал и на обвинителката Вилма Рускоска.
КОВИД -19 На прашањето зошто во Македонија има загрижувачки бројки на починати д-р Мехмедовиќ вели дека ќе бидат преразгледани сите бројки.
-Да, точно е дека имаше манипулација со бројките, но за ова ќе се разговара на Комисијата за заразни болести. Факт е дека нашата земја е на шесто или седмо место во светот по број на починати, вели д-р Мехмедовиќ во утрински брифинг.
НА ТАБЛА Решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација поради ковид-19 да се објавуваат на веб страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и дополнително во „Службен весник“ во најбрз можен рок, одлучи Владата на вчерашната седница.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Никола Ѓелинчески, наставник на годината на светско ниво, ентузијаст, волонтер, литературен преведувач.
Тој зборува за образованието и системот, наставникот и ученикот, децата и креативноста, трудот и наградите, авторите и преводите и за уште по нешто.
СЛОБОДНА ЗОНА
„„Цврстината“ на функционерските инсталации на ДУИ, во смисла на почитувањето на хиерархијата и координацијата, секогаш биле „понепробојни“ од опуштените партиски структури дури и на ВМРО-ДПМНЕ, а не па на пословичната лабавост на СДСМ. Кај ДУИ нема трте-мрте каков договор и да треба да се искоординира или спроведе, бидејќи не еднаш е кажано дека тие директно му одговараат на Али Ахмети прво, а потоа, ако баш мора, на утврдената државна номенклатура.“, прочитајте во колумната на Сашо Орданоски „На Али Ахмети му прекипе!“.
„За волја на вистината, владата на Заев дополнително преку Фондот за иновации финансираше разни иновации на приватни домашни компании и инвеститори. Општ впечаток е дека со народни пари се финансираа иновации на фирми и субјекти блиски на партијата на власт. Иако за овој начин на „субвенционирање“ постоеја многу нелогичности, сомневања и општо незадоволство, надлежните институции кои требаа да ги гонат нелегалните дејствија и индиции за сторен криминал повторно молчеа и за жал сѐ уште молчат, иако таму веќе се сменија тројца директори.“, пишува Јове Кекеновски во колумната „Македонија за странските инвеститори мајка, за домашните ниту маќеа“.
„Благодарение на деноноќната работа на нашите сајбер ангели-чувари, сè досега успешно му одолеавме на огнот што доаѓа од „мултиракетниот систем“ на нашите „обожавател(к)и“ од другата страна на фактите. Особено жестоки изрази на „љубов“ ни беа испратени во теконт на изминатиот викенд, но и додека ја пишувам оваа блиц порака до јавноста, не нè оставаат на мира. Без оглед на „благата непријатност“ што ја предизвикува „шпалирот“ од копјаници кои ја опкружуваат нашата и вашата СЛОБОДНА ЗОНА, работата продолжува непречено. Со секое вакво „охрабрување“, нашите тимови стануваат порешителни од кога и да е порано.“ , Џабир Дерала во Блицот „Огнот на „мултиракетниот систем“ од другата страна на фактите“.
„Конкретно за нашите Македонци во нели, европска Бугарија. Да бараат, да инсистираат тие самите да си ги почитуваат сопствените европските прописи. Да си ги спроведуваат сопствените европски пресуди на сопствениот суд во сопствениот европски Стразбур. Конкретно, да си ги спроведат во дело веќе рекордните 16 пресуди на иста тема донесени во корист на веќе угнетените етнички Македонци државјани и граѓани на европската Република Бугарија.“, во Брзата пошта од Зоран Иванов „Ехото од европското дувло на човековите права“.
„Воочи овонеделните дипломатски активности, во понеделник Москва му испрати писмо на Вашингтон, како одговор на предлозите на САД како да се оконча криза околу Украина. Стејт департментот потврдува дека писмото е пристигнато, но дека нема да ја објават неговата содржина, со напомена дека би било непродуктивно неговата содржина да биде јавно објавена. Таквата одлука останува на Москва. Но Москва демантира дека го испратила писмото.“, Александар Николиќ Писарев во анализата „Кризата околу Украина се доближува до преломна точка“.
Д. Тахири












