ЗОРАН ИВАНОВ
Ова со реакциите на бугарскиот претседател Радев и на тамошното МНР за приемот на Македонците, претставници на македонските граѓански здруженија во Бугарија кај македонскиот претседател, веќе не е само примитивно недипломатски, туку нивната дипломатија им станува хистерична, шизофрена, нездрава како некогаш.
Но и нашиве нека не се прават на 3.5. Не смееле да се мешаат во внатрешните работи на друга земја. Аман бе.
Па никој од нив тоа и не го бара. Никој не ги тера да се мешаат. Ич нека не се мешаат. Но, но, …
Тие ја имаат обврската и државничка и морална и пред се човечка, од позицијата на која се, од функцијата на која граѓаните ги насадиле, да тропаат на бриселските европски врати. Да бараат постојано, катадневно да додеваат кај бриселските ЕУ бирократи нивните држави членки да си ги извршуваат сопствените ЕУ обврски.
Конкретно за нашите Македонци во нели, европска Бугарија. Да бараат, да инсистираат тие самите да си ги почитуваат сопствените европските прописи. Да си ги спроведуваат сопствените европски пресуди на сопствениот суд во сопствениот европски Стразбур. Конкретно, да си ги спроведат во дело веќе рекордните 16 пресуди на иста тема донесени во корист на веќе угнетените етнички Македонци државјани и граѓани на европската Република Бугарија.
Катадневно и настојчиво да бараат од европски Брисел да си ги европеизира неевропеизираните уљези во своите редови кога веќе преку труп и со сиот нивен политички примитивен багаж си ги префрлија преку европскиот ѕид во, нели, цивилизираната Унија.
Затоа, изјавите на нашиве од типот “немаме право да се мешаме во другите држави”, да со го напишат на лист од зелка и да му го дадат на зајакот да го си изеде како десерт.
Или, барем нека појдат да поседат малку меѓу нашите таму да го видат и одблизу да го слушнат ехото од тоа дувло на европската доктрина на човековите „права”.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.