На крајот на работната недела, прашањето на денот е во форма на граѓански форум со целосно отворен карактер. Граѓанките и граѓаните се поканети да споделат порака, барање или прашање што тие самите мислат дека е најитно – за нив, за нивната средина, заедница, работен колектив, или за општеството и државата. Накратко, секое прашање и секоја тема, секој проблем, колку и да се чини дека е мал, всушност, има тежина и важност.
Прашањето е: Која е вашата порака, барање или прашање до политичарите?
Критиката е важна. Досетките или огорчените повици за одговорност или оставки се одраз на тоа што мислат и како се чувствуваат луѓето. Ставовите на луѓето, нивните судбини низ лавиринтите на институциите, сиромаштијата во која запаѓаат, не може и не смее да се игнорираат. Прашањата бараат одговор и отвораат врата за позитивни промени.
Нема лошо или добро време за поставување на прашањата. Секое време е вистинското да се постават. А институциите и политичарите имаат обврска да одговорат.
Можеби политичарите ги контролираат медиумите, но граѓанките и граѓаните го контролираат ЦИВИЛ. Затоа, коментирајте, прашувајте, посочете. Дајте пример, споделете искуство. Побарајте одговор. Ние сме тука – заедно со вас.
ЦИВИЛ – Центар за слобода














































