Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, на седмиот ден од руската инвазија врз неговата земја и жестоките борби во повеќе градови, изјави дека досега се убиени речиси 6.000 Руси и дека Кремљ нема да може да ја преземе неговата земја со бомби и воздушни напади, пренесоа британските медиуми.
Осврнувајќи се на вчерашниот руски напад врз Бабин Јар – местото на масакрот на Евреите од Втората светска војна од страна на германските окупаторски трупи и украинските помошници, Зеленски кажа дека „овој удар докажува дека за многу луѓе во Русија нашиот Киев е апсолутно туѓ“.
-Тие не знаат ништо за Киев, за нашата историја. Но, сите имаат наредба да ја избришат нашата историја, да ја избришат нашата земја, да не избришат сите нас, додаде тој во денешното видео обраќање.
Зеленски ги повика Евреите ширум светот да го осудат на ракетниот напад на територијата на Меморијалниот комплекс на холокаустот Бабин Јар во Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат преговорите за целосен прекин на огнот, откако првата рунда разговори меѓу двете страни не успеа.
Во интервју од добро чуваниот владин комплекс, Зеленски ги повика членките на НАТО да воведат зона на забранети летови за да ги запрат руските воздухопловни сили, нагласувајќи дека тоа ќе биде мерка на претпазливост што не треба да ја вовлече Алијансата во војна со Русија.
Зеленски, кој ги одби понудите да го напушти главниот град додека руските сили напредуваат кон Киев, исто така рече дека неговата земја ќе бара законски обврзувачки безбедносни гаранции доколку НАТО ги затвори вратите на Украина за членство во Алијансата.
Зборувајќи за украинските услови за понатамошни разговори со Москва, Зеленски во заедничкото интервју за Ројтерс и Си-Ен-Ен рече дека е потребно само да се запре руското бомбардирање на цивили, а потоа да се седне на преговарачка маса.
Во моментот додека зборуваше, стигна веста дека руски проектил погодил ТВ кула во главниот град на Украина.
Украина доби испораки со оружје од членките на НАТО за да ја издржи целосната воена инвазија што ја започна Москва минатата недела, а Западот воведе остри санкции за руската економија.