ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЕУ склучува договор за американски гас
Се очекува Европската унија да објави договор со кој САД ќе ја снабдуваат со повеќе резерви на течен природен гас (LNG) за да го заменат рускиот увоз. САД треба да обезбедат најмалку 15 милијарди кубни метри ЛНГ до крајот на годината. Европските нации се обидуваат да ја намалат зависноста од руските фосилни горива по инвазијата на Москва на Украина. ЕУ вети дека ќе ја намали употребата на руски гас за две третини оваа година преку увоз од други земји и зголемување на обновливата енергија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во своето видео обраќање преку својот Фејсбук профил, меѓу другото истакна дека доколку Русија знаела што ја чека, ќе се плашела да дојде во Украина.
„Со секој ден од нашата одбрана, ние се приближуваме до мирот што ни е толку потребен. Се приближуваме до победата. Затоа што во оваа војна едноставно е невозможно без победа. Така и ќе биде. И не можеме да застанеме ниту на една минута. Затоа што секоја минута е за нашата судбина, се работи за нашата иднина. За тоа дали ќе живееме. 30-ти ден. Помина еден месец! Да знаеше Русија што ги чека, сигурен сум дека ќе се плашеа да дојдат овде“, истакна Зеленски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
РАСЕЛУВАЊЕ Едномесечната војна, започната од Русија против Украина, доведе до раселување на 4,3 милиони деца – повеќе од половина од околу 7,5 милиони детска популација во земјата, соопштува УНИЦЕФ.
САНКЦИИ Австралија воведе санкции против белорускиот претседател Александер Лукашенко, поради поддршка за руската инвазија врз Украина. Ова се наведува во денешното соопштение на австралиското Министерство за надворешни работи, јави Си-Ен-Ен.
ЕВРОСКЕПТИЦИЗАМ -Неотпочнувањето на преговори со Република Северна Македонија дава лош сигнал, бидејќи ние веќе имаме четири позитивни извештаи од страна на Европската Комисија за нашиот напредок во усогласувањето со ЕУ, изјави премиерот Ковачевски денеска во Брисел за самитот на НАТО посветен на Украина.
МВР Претреси на територијата на цела држава, запленети дрога и муниција, приведени над 20 улични дилери во повеќе градови.
ИНТЕРВЈУ
ЦИВИЛ Медиа разговараше со експертот по геополитика, економија и безбедност Аднан Капо, за воената состојба во Украина, последиците и евентуалните понатамошни теченија руската агресија во Украина на светско ниво, како и за влијанието на војната во Западен Балкан.
„Ако се разберат вистинските причини на руската агресија врз Украина, тогаш проценките за конечните цели би можеле да бидат попрецизни. Тука пред се, се работи за судир на два различни погледи на светот, од кои на една страна е либералниот западен поредок, а од друга страна Русија, која има намера да изгради сопствен свет, или, како што го нарекуваат, руски свет. Во Москва постојат идеи дека Русија е посебна таканаречена евроазиска цивилизација, па како таква треба да се спротивстави на вредностите што доаѓаат од Запад. Во светскиот поредок, во кој во моментов живееме, Русија не може да им конкурира на западните технологии, ниту изградила конкурентна економија.“, вели меѓу другото Капо во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, кое можете да го прочитате ТУКА.
МУЛТИКУЛТУРА
МУЛТИ –КУЛТИ БРИФ НА ЦИВИЛ: Спортот (треба да) обединува
Во денешното издание на „Мулти-култи бриф“ се коментираше националистичкото скандирање по големата фудбалска победа на македонската репрезентација.
Мултикултурализам, дискриминација и телеранција кај младите во фокусот на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Мултикултурализам, дискриминација и телеранција кај младите“, на 30 март (среда), во 13 часот во прес центарот на организацијата во Бизнис Центарот „Палома Бјанка“.
На панелот ќе се отворат прашања за еднаквата основа за развој во различни сфери и аспекти, како што е застапувањето, образованието, вработувањата и слично, како да се креира и да се задржи таа еднаква основа, врз која се гради стабилноста на едно општество во сите аспекти.
ЕДИТОРИЈАЛ
„Еден месец по почетокот на оваа брутална агресија на режимот на Путин, падна во вода сето пропагандно ѓубре. Тој, заедно со своите сојузници – лагите и теророт – тргна во „специјална операција за демилитаризација и денацификација“ против држава што ја води Евреин чие семејство дало жртви во Холокаустот. Му се спротивстави слабо вооружен народ, обични цивили што го бранат прагот на својот дом. Толку“ – напиша Џабир Дерала во својот едиторијал „Украина. Еден месец терор. И лаги.“
СЛОБОДНА ЗОНА

„И, сега, знаете како викаат: кога првпат ќе ги победите Германците на нивен терен, тоа може да е случајност; кога вторпат ќе ги победите Италијанците кај нив дома, можеби е коинциденција; но, ако ги тепаме и Португалците во вторник во Порто – е, тоа е веќе конспирација! На малата фудбалска магија против големата фудбалска индустрија.
Се разбира дека апсолутно сѐ е можно! „Со Македонија ќе биде уште потешко и покомпликувано“, вели португалскиот тренер Фернандо Сантош по нивната победа над Турција. Ecce Homo кој знае што зборува – и Португалија може да падне за заговорот да биде комплетен!“, Сашо Орданоски во колумната „ГООООООООООООООЛ!“

„Екипата на ЦИВИЛ која е составена од сите етнички заедници, по секој спортски натпревар, состанокот го почнува со дебатирање за инцидентите и скандирањата кои повикуваат на смрт, на поделби, омраза… Дел од тие што синоќа прославуваа им посакуваат смрт на Езџан Алиоски, Висар Мусли, Аријан Адеми, Енис Барди, Елиф Елмас… кои беа заслужни за победата и радоста на македоснкиот народ!“, коментар од екипата на ЦИВИЛ „Спортот (треба да) обединува“.
Д. Тахири












