ЏАБИР ДЕРАЛА
Кога секоја минута е исполнета со безброј грозоморни настани и секоја наредна минута може да донесе вести полоши од претходните, поимот за време станува сосема поинаков. Ако надежта го движи човекот, тогаш времето, секоја измината минута од една војна, станува како жив песок. Прво ја проголтува надежта, а потоа и самиот живот…
Твит.
Голем дел од жителите и политичките лидери на оваа планета изгледаа шокирани од бруталната руска агресија врз Украина на 24 февруари. Сепак, моето скромно мислење е дека тоа беше повеќе глумење шокираност, бидејќи агресијата ни оддалеку не беше неочекувана. А и не е дека не знаеле. Една недела по нападот, сега веќе и лидери на помали земји како Северна Македонија, споделуваат информации дека уште на почетокот на ноември било познато дека Путин сигурно напаѓа, како што изјави Пендаровски. И Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен откри дека неговите ретерирачки изјави до последниот момент биле тактички потег.
Урсула фон дер Лејен направи неколку објави на Твитер доцна ноќта на 26 февруари, на крајот на третиот ден од руската воена агресија врз Украина. Меѓу другото, таа напиша:
„Прво, ќе се посветиме одреден број руски банки да бидат отстранети од SWIFT. Тоа ќе ги спречи да оперираат во светот и ефективно ќе ги блокираат рускиот извоз и увоз.“
Иако ретко се впуштам во дијалог на социјалните мрежи и претпочитам мојата јавна комуникација да ја „ограничам“ на пишување или говорење во медиумите, сепак, одлучив да им се приклучам на 1.325-те коментари колку што г-ѓа фон дер Лејен доби само во првите два часа по нејзиниот твит.
„Не е доволно“ – ѝ напишав – „Далеку, далеку од доволно. Отстранување на „одредени руски банки“ од SWIFT е предолга игра. Задоцнета. Како и да е, тоа е малку повеќе од прилично ништо што вие направивте досега. (Вие, мислам на #ЕУ). #StandWithUkraine“
Иронија.
Во секој случај, мора да се одбележи решителноста на Европска Унија. Иако беа замелушени во првите ден и половина, тие покажаа извонредна координација веќе кон крајот на вториот ден. Го усогласија и заострија тонот на своите твитови. Твитови? Како тоа им помогна на Украинците кои беа соочени со крвавата агресија? Не многу.
Сепак, со оглед на познатиот политички „менталитет“ на ЕУ, сепак, реакцијата беше молскавична, колку и да има (заслужена) иронија во овој став.
Бајден.
Американскиот претседател, сепак, беше побрз од сите – воведе (некакви) мерки три дена пред инвазијата, веднаш по бизарниот чин на признавање на „независните народни републики“ на тлото на Украина.
Бајден продолжи со воведување мерки и санкции, прво за гасоводниот оператор Нордстрим 2, во партнерство со германскиот канцелар Олаф Шолц. Дента кога Путиновата солдатеска згази на украинска почва, Бајден го свика Националниот совет за безбедност и воведе нови санкции.
Во своето обраќање до нацијата на 2 март (6-ти ден од агресијата), Бајден рече дека Путин ќе ја плати цената на долг рок. Во меѓувреме, агресијата го зема својот крвав данок секоја минута. И сè што остава се само длабоки и трагични лузни на долг рок.
Нуклеарна војна.
Трет ден од инвазијата, прв ден од бурната реакција во светот. На 27 февруари, Путин нареди руските нуклеарни сили да се стават во борбена готовност. Ако на денот на инвазијата (24 февруари) не беше јасно, сега веќе стана јасно дека живееме во свет кој се промени преку ноќ. Полош свет тешко дека можевме да замислиме, освен оној по нуклеарна војна.
Уништување.
Агресијата станува сѐ пожестока од час во час. Претседателката на Грузија, Саломе Зурабичвили, за Си-Ен-Ен изјави дека не верува дека Путин има цел само да заземе одредени региони на Украина, туку дека ја „уништува целата земја.“ Да. Токму тоа се случува. Уништување на цела една земја. Ако на Сталин не му успеа со Холодомор, Путин сака да го стори тоа со оган, неповратно и засекогаш.
Жртви. Протест.
На крајот на третиот ден од инвазијата светот се крена на нозе. Милиони луѓе излегоа на улиците низ целиот свет. Се кренаа и Москва и уште педесетина градови низ Русија. Тогаш веќе имаше стотици цивилни жртви од очигледното таргетирање на цивилни цели. Меѓу цивилните жртви има и деца. Руските гранати и ракети погодија станбени згради, трговски центри, училишта, градинки, болници, породилишта… Милион бегалци за седум дена… Прва жртва: вистината.
Целиот свет задоцни со Украина.
Осудите, острите твитови, делумните банкарски блокади и санкции, па дури ни резолуцијата на ОН, заканите со истраги за воени злосторства, како ни милионите демонстранти низ светот и во Русија не го сопреа Путин да продолжи со разорување на земјата и убивање на цивили. Рускиот тиранин сѐ уште зборува за неговата „борба против неонацистите“ на Украина која ја предводи човек со еврејско потекло, чии предци паднале како жртви на Холокаустот.
Со 90% од воените сили што беа на границите навлезени во Украина на почетокот од осмиот ден од агресијата, со користење на оружје забрането според меѓународните конвенции – Путин продолжи со деструкција и убивање цивили.
„Оваа војна е за целиот свет“, рече легендарниот претседател на херојската Украина, Володимир Зеленски за Си-Ен-Ен, војна за демократија и слобода. Но тој со право кажа и дека „целиот свет задоцни со Украина.“
Отворени очи.
Русија останува во медиумски мрак. Путин се закани со 15 години максимална затворска казна за оние што ќе шират „лажни вести“ за „праведната специјална операција“ што тој ја води во Украина. Тоа не му помогна многу. Густиот чад од воениот пожар во кој гинат и малите деца, не може веќе да се скрие. На сè повеќе луѓе во Русија им станува јасно: Единствените сојузници на Путин се лагите и теророт, ништо друго.
Резолуција.
Генералното собрание на Обединетите нации направи изненадувачки крупен чекор. На вонредната седница на 2 март, со огромно мнозинство на земји членки (141 од 193) донесе резолуција со остра осуда на руската агресија. Само Русија, Белорусија, Еритреја, Северна Кореја и Сирија гласаа против. Кина и уште 34 земји без воздржани. Историски момент кој на многу долго време ја изолира Русија од светот во секоја смисла на зборот. Една огромна црна дамка на светската мапа од новата мрачна ера.
Злосторства и истрага.
Меѓународниот кривичен суд започна процедура за истрага за воени и злосторства против човештвото на 1 март. Руските агресори, веќе во првите 72 часа по почетокот на инвазијата, извршија бројни воени злосторства и грубо го прегазија меѓународното хуманитарно право, вклучително и Женевските конвенции. Овие злосторства само се зголемуваа од час во час и тоа натрупување на злосторства трае и во мигот кога овој текст се подготвува.
Кога злосторствата ќе стивнат, се очекува казна. Која најчесто изостанува или се губи во лавиринтите на политичките преговори, продажби и препродажби.
Тоа не е доволно. Меѓународните институции и Меѓународниот кривичен суд мораат да ги согледаат размерите на злосторствата што се случија веќе во првите часови и денови на агресијата. На секој човек со здрав разум веќе сега му е јасно што може да се очекува доколку руската агресија продолжи и што ќе се случува во окупираните области на Украина.
Реликт од минатото. Пореметен. Со раката на големото црвено копче.
Иако целиот свет се крена против него, дури и огромното мнозинство од државите, Путин посегна со раката кон големото црвено копче и се закани со нуклеарна војна.
Тој е реликт на едно мрачно минато. Еден твитерџија добро забележа дека во својот кабинет има два (инаку се три) старомодни фиксни телефони, малку пожолтени од времето и факс машина (за помладите: тоа е еден одамна надминат уред за телефонско испраќање документи). Но тоа е најмалку важно, иако е симптоматично. Важно е што станува сѐ поочигледно дека Путин има проблеми со присебноста, чувството за одговорност и разбирањето на реалноста. Длабоко е пореметен. Иако, да го повторам ставот на Зеленски, светот задоцни.
Како да се преговара со Путин?
Како да се преговара со ваков лик? На првиот ден од инвазијата не му крена слушалка на украинскиот претседател, Зеленски. Вториот ден рече дека сака да преговара, ама само под негови услови кои значеа капитулација на Украина. Третиот ден рече дека не е проблем, сака да разговара за мир. Четвртиот ден, посегна по црвеното копче, рече дека сѐ уште сака да преговара, ама истото попладне испрати 4,5 километри долга колона тенкови на Киев (во моментот на пишување на овој текст се на околу 50 км од главниот град).
Овој лик е опасен колку што е луд. Ако некој и реши да преговара со него, подобро му е да носи флаширана вода, сендвичи од дома и гас маска, а секако и панцир, бидејќи студениот психопат од Кремлин е познат по тоа што многу сака да ги убива своите опоненти (со огнено оружје, јаже или отров).
Значи, да го одговориме прашањето од погоре, Како да се преговара со Путин? Одговорот е: никако. Што и да се договорите со него, тој ќе најде „добар“ изговор да го изигра договорот. И тоа некои го нарекуваат „стратегија“, но тоа е посебна приказна (дијагноза).
Излез.
Има ли излез од состојбата во која е светот денес? Теоретски, да: Светот да извлече поука од оваа мрачна епизода која го доведе до работ на целосното уништување и да се реорганизира од корен – да стане поправеден и мирољубив.
Сега следи горчливо и громко и саркастично смеење. Светот нема никогаш повеќе да биде ист. За да биде подобар, ќе треба да почекаме тоа да го направат следните генерации кои веројатно сè уште не се родени. Значи, ние нема да дочекаме. Да се надеваме дека рускиот политички Брут ќе ја заврши работата пред Путин да го уништи светот.