Со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов во рамки на Иницијативата „Чекор напред кон мултикултурно општество“ на ЦИВИЛ, разговараме на повеќе прашања поврзани со меѓуетничката состојба во Северна Македонија, недискриминацијата, промоција на европските вредности и што треба да содржи новата тригодишна Стратегија „Едно општество за сите“. Разговорот е снимен на 04 мај 2022 година.
„Треба да ги негуваме различностите и меѓусебно да се почитуваме, меѓутао малку фали тоа што тие различности колку може да нè зближат – толку и може да нè разделат. Кревка е состојбата во нашата држава и мора заеднички да ја негуваме, бидејќи не сме на посакуваното ниво на кое се стремиме. Затоа и на локално и на централно ниво сите чинители треба да се потрудиме да му дадеме вредност на сето она што декларативно го прокламираме и на дело да го покажеме“, вели Јорданов.
Тој вели дека доколку сакаме да ги негуваме и да ги практикуваме европските вредности мора да се почитуваат општината, државата и законите.
„Законите не распознаваат верска, партиска или етничка припадност. Законите треба да важат подеднакво за сите, и доколку се раздвојуваме и се делиме и ги толкуваме законите процентуално, по етничка, верска или друга припадност тоа не носи ништо добро, туку нè враќа со години наназад на оној балкански менталитет од кој сакаме да излеземе и да ги преземеме европските вредности“, додаде Јорданов.
Штипскиот градоначалник вели дека политичките чинители се еден од основите по којшто се делиме, кои придонесуваат за поларизација која не создава вредност ниту во општината ниту во државата.
„Досегашниот систем во кој функциониравме и функционираме сè уште мораме да го промениме заедно, бидејќи тоа е местото каде што се нотира дека има најголема поделеност и поларизација. Живееме во таков систем каде што и ние (политичките чинители) сме придонеле така да функционира, не смееме да се амнестираме од одговорност, затоа што свесно или несвесно сме дале допринос за зголемување на поларизацијата по партиски основ или некој друг основ, и час побрзо и час поскоро треба да се променат работите. Причината (за поделбите) е кај нас но реформите и промените треба да се случат од нас.
Ние треба да се натпреваруваме со вистински вредности, не треба да се натпреваруваме со тоа кој ќе направи поголем споменик и со тој начин да ја докажеме нашата припадност или доминантност, туку кој што ќе допринесе во општеството и со какви идеи, размислувања ја гледа општината или државата. Квалитетот е тоа што нè разликува а не припадноста. Има квалитетни луѓе и во една и во друга политичка партија, има квалитетни луѓе и во една или во друга етничка група“, нагласи Јорданов.
Тој додава дека во време на ерозија на вредности политичарите не креираат додадена вредност преку политики, туку сакаат да се презентираат и да се задржат на власт преку креирање на национални чувства кое само по себе нè одалечува.
„Ние како општествени чинители досега декларативно сме се залагале за едно општество за сите, но недоволно го практикуваме кога ќе се ставиме во функција да носиме одлуки. Сите сносуваме одговорност, и политичките партии, и етничките заедници, и верските групи затоа што многу малку фали за да го спроведеме на дело тоа „едно општество за сите“, но и многу малку фали да го растуриме тој концепт доколку ги подгреваме меѓуетничките и меѓурелигиозните прашања и доколку креирањето на вредности не ни е заедничка цел“, потенцира Јорданов.
Тој заклучи дека фискалната децентрализација е еден од начините да се креираат културните вредности и да се негува соживотот на сите граѓани.
текст, камера и фотографија: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети